Македонија
„Фантомите“ ќе може да гласаат за локалните избори

Повеќе од 30.000 оспорувани т.н. „фантомски гласачи“ кои беа избришани од Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори кои се одржаа во декември минатата година, повторно се враќаат во Избирачкиот список и тие лица ќе имаат право да гласаат за локалните избори.
Вкупно 30.477 гласачи за кои Државната изборна комисија (ДИК) оцени дека се спорни и дека не треба да гласаат за парламентарните избори, како резултат на вкрстените и теренските проверки кои покажале нерегуларности во документацијата или дека тие лица воопшто не постојат бе аизбришани од Избирачкиот список.
Но, одредбите од Избирачкиот законик предвидуваат овие лица да бидат вратени на списокот гласачи и да имаат право на глас.
„Одредбите од Изборниот законик изгласани во 2016 година, важеа само за предвремените парламентарни избори одржани на 11 декември, а по конечните резултати, овие одредби се ништовни. Овие 30.000 гласачи повторно ќе ги има на списокот ако ги исполнуваат законските услови, а тоа е, пред сè, да бидат живи, да имаат лична карта и да имаат деловна способност“, вели Љупка Гугучевска, портпаролка на ДИК.
Локалните избори треба да се одржат во првата половина од мај, но се уште е неизвесно, затоа што не е формирана Влада. Претседателот на Собранието треба да ги распише локалните избори. За да се одржат на 14 мај тие треба да бидат распишани на 5 март, а за да се одржат на 7 мај, истите треба да бидат распишани за помалку од недела дена.
Но, доколку изборите не се одржат или се пролонгираат станува неизвесно функционирањето на локалните власти, со оглед на тоа дека законот не предвидува продолжување на мандатите на градоначалниците и советите./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски и Тошковски на пешачење во Градски парк: секој чекор е здравје

Градскиот парк денеска беше изборот на градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Двајцата утрото го започнаа со пешачење низ алеите на паркот, во спортска опрема и ведро расположение.
„Најубаво е денот да започне со утринско пешачење низ Градскиот парк, свеж воздух, мир и позитивна енергија. Секој чекор е здравје, секој здив е нова сила. Започни го денот со природа, а денот ќе ти врати со радост“, напиша Ѓорѓиевски во својата објава на социјалните мрежи.
Македонија
За влез и излез од државава на граничните премини се чека до 15 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез и излез е околу 10-15 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Свежо утро, а преку ден до 33 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 30 степени.
До средината на следната седмица ќе преовладува претежно стабилно време со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Потоа времето ќе биде сончево и потопло со пораст на дневната температура.