Македонија
ФАО обучува 350 ветеринари од Балканот за подготвеност на африканска свинска чума
Иако вниманието на медиумите е свртено кон човечката пандемија, африканската свинска чума сè уште е многу актуелен проблем. Беснеејќи низ три континенти, никогаш досега во историјата болеста не била толку широко распространета со толку милиони животни погодени. Болеста носи огромни економски трошоци, значителни нарушувања во трговијата и сериозно влијае на руралниот живот.
За да помогне во подготвеноста за африканска свинска чума, ФАО денес започнува онлајн обука на српски јазик, во која учествуваат 350 ветеринари од Балканот (вклучувајќи ги Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора и Србија).
Обуката ќе трае шест недели.
Ветеринарните служби од Балканскиот Регион беа поканети да достават номинации за курсот. Оваа обука следи по успешен пилот курс (во ноември 2019 година) и курс за европските земји на англиски јазик (во април-мај 2020 година).
„За да се оптимизира подготвеност, рано откривање и одговор на можен влез на африканската свинска чума, важно е да се обучат оние во првата линија на одговор: ветеринарите – што е можно повеќе“, вели Даниел Белтран-Алкрудо, специјалист на ФАО за здравје на животните. „Балканот е во голем и непосреден ризик од влез на африканска свинска чума и треба соодветно да се подготви“, додава тој.
ФАО не можеше да се справи со огромната и растечка побарувачка за обуки за болеста од земјите со висок степен на ризик или заразување.
Затоа, се донесе одлука да се премине на интернет-обуки, што нуди неколку предности: лесно е и економично да се надоградат, може да вклучат стотици луѓе од различни локации и им овозможува на учесниците да учат според нивно темпо, во време кога нив им одговара. Во време на ограничувања за патувања и состаноци поради пандемијата Ковид-19, учењето преку интернет станува уште поважно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

