Македонија
Фатен подметнувач на пожар во Струмичко

Струмичката полиција денеска го лишила од слобода Д.К. (29) од селото Баница, поради сомнение дека предизвикал пожар, при што била опожарена трева и нискостеблеста вегетација.
Имено, по пријава примена во 11.38 часот, според која на излезот од Струмица кон селото Дабиле настанал пожар, Д.К. бил затекнат на местото и задржан.
Тој е приведен во полициска станица и во консултација со Јавен обвинител, по расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Пожарот е изгаснат од страна на противпожарна екипа, а увид извршила екипа од струмичката полиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Карпош денеска без вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека, на денеска поради санирање појавен дефект на водоводна мрежа со пречник Ф-1 цол на улицата Ванчо Мицков бр. 18, во општина Карпош, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:30 часот до завршување на интервенцијата.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска, без напојување со електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Кумановска во населба 11-ти Октомври, општина Кисела Вода;
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од нас. Момин Поток , поточно објектите во околината на зградата на МОТОЦЕНТАР, општина Карпош;
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од ул. Бутелска – Крак бр.2 и Крак бр. 6, општина Бутел;
· од 09:00 до 13:30 часот, корисниците од улиците: Горно Лисиче и Лисец, општина Аеродром;
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Добридол, место викано Садиње, поточно после Дом за стари лица – Панорама, општина Сопиште.
Македонија
(Видео) Филипче: Понеспособна влада сме немале никогаш досега, ќе се бориме за доброто на државата

СДСМ ќе ја врати државата на победничката патека, за доброто на Македонија, за доброто на сите граѓани, кажа вечерва на прес-конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче, откако беше реизбран за лидер на партијата.
„Ќе ги избереме луѓето кои најдобро ќе не претстават на локалните избори, луѓето кои имаат кредибилитет да излезат во своите средини, пред своите соседи, пред пријателите и познаниците во своите општини, луѓе на кои може да им се верува дека политиките и програмите кои ќе ги ветат, ќе може да ги исполнат. Ќе имаме тешка работа затоа што ќе се бориме во многу општини со политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ, за жал нивните градоначалници не испорачуваат добри политики, гледаме се повеќе корупциски скандали, не ги водат општините како што треба“, рече Филипче.
Тоа, според него, најдобро се гледа по примерот на градот Скопје, којшто, како што рече, заради инаетот и бизнис интересите на градоначалничката и ВМРО-ДПМНЕ нема ни јавен превоз, ни чисти улици, ниту еден проект за доброто на граѓаните и оти Скопје мора повторно да стане метропола.
„Имаме уште една тешка друга борба – а тоа е да се бориме против оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, која што во изминатите десет месеци само покажа дека ниту знае ниту умее да се справи со проблемите, дека се што кажаа излажаа, дека не испорачаа ниту едно ветување, понеспособна влада државава немала никогаш досега“, истакна лидерот на СДСМ.
Затоа, рече Филипче, имаме обврска пред граѓаните да покажеме дека сме подготвени и мотивирани, дека знаеме, умееме и ќе се бориме за доброто на државата и дека ќе ја вратиме на европскиот пат.
„Нема да дозволиме граѓаните да бидат манипулирани. Нема ниту една област во која нешто добро се случува. Видете што се случува и какви катастрофални политики се водат во земјоделството, образованието, здравството. Гледајте што се случува со платите на работниците, ги убедуваа дека можат да живеат со 400 евра месечно, какви лицемери седат во владата – оттука јасно им порачувам СДСМ е силна, спремна и консолидирана и се враќа на победничката патека. Ние ќе бидеме тие што ќе ја вратиме државата на победничката патека“, заклучи Филипче.
Тој од вкупно 23.712 запишани избирачи добил 18.001 глас, додека 139 ливчиња се неважечки, соопшти претходно претседателот на Централната изборна комисија Бранко Георгиевски.
Внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, претходно беа закажани за 16 март, но беа одложени поради трагедијата во Кочани.