Македонија
„Фајненшел тајмс“ се коригираше за промената на името
По реакција на Министерството за надворешни работи, британскиот весник „Фајненшел тајмс“ го смени насловот на интервјуто со шефот на дипломатијата, Никола Димитров, од кој произлегуваше дека владата размислува да го смени името на државата за да влезе во НАТО. Според новиот наслов, владата размислува да влезе во НАТО со привременото име БЈРМ.
Според текстот, министерот Димитров денеска во НАТО ќе им каже на високите претставници на алијансата дека членството на Македонија во алијансата ќе помогне да се смири поширокиот балкански регион по неколку месеци политички тензии кои повремено прераснуваа во крвопролевање. Димитров најавил дека со грчкиот министер Никос Коѕиас ќе се сретне в среда.
„Ќе побарам од Грција да размисли каков вид сосед сака – дали сакаат стабилна, пријателска земја која нуди надеж за демократија и правда”, изјавил тој во интервјуто.
„Ако сме добри соседи, тогаш се надевам дека политичките сили во Грција ќе ја искористат ова историска шанса”, порачал Димитров.
Владата на СИРИЗА ја поздрави новата влада во Скопје како покооперативен партнер од претходната, која беше силно националистичка, а официјални лица излегоа со претпазливи забелешки во однос на изјавата на Димитров, пишува весникот.
„Постојат основи за повеќе оптимизам и ние се надеваме дека ќе има напредок на средбата со нашиот министер за надворешни работи во Атина “, изјави еден грчки функционер. Но, тој ја отфрли можноста за одредување временски распоред за постигнување компромис:
„Ова прашање е на маса повеќе од две децении, и би било избрзано да се прават какви било предвидувања”, оцени тој.
Весникот во текстот како можна варијантна го споменува името Горна Македонија, нагласувајќи дека, според Димитров, договореното име за компромис ќе биде ставено на референдум во Македонија, а претходно за него ќе се бара консензус од сите политички партии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

