Македонија
Фероинвест го изгради првиот лиценциран батериски систем во Македонија
Фероинвест ја изведе првата батерија во Македонија, која, согласно новите законски одредби, има градежна дозвола, согласност за приклучок на мрежа и лиценца за складирање електрична енергија.
Батерискиот систем е поставен на фотонапонската електрана во Гиновце, во близина на Крива Паланка, која е во делумна сопственост на сестринската компанија Централинвест, заедно со неколку деловни партнери.
Електраната има инсталирана моќност од 4,5 MW (мегавати) и батериски систем од 6,1 MWh (мегаватчаса), со кој секојдневно управува Фероинвест преку сопствен систем за програмирање и контрола.
Искуството од првите недели од работењето на батеријата покажува дека е постигната двојно повисока цена за продажба на електричната енергија во споредба со фотоволтаична електрана без батерија. Ова значи дека батеријата ќе се исплати за 3 години, а ќе има и значително подобрена исплатливост на самата електрана.
Батеријата овозможува електричната енергија да се складира во текот на денот, кога има високо производство од сонце, а пазарните цени се ниски, и да се користи или продава во ноќните часови, кога нема сончево производство, а побарувачката на енергија и пазарните цени се драстично повисоки.
На овој начин батериите создаваат добивка за производителот, односно за електраната, а истовремено му помагаат на електроенергетскиот систем на Македонија, штитејќи го од преоптоварување со прекумерни количини енергија во критичните часови од денот. Овој тренд, кој произлегува како последица од инсталирањето на поголем капацитет на фотонапонски електрани од реално потребниот, Фероинвест го согледаде уште пред две и пол години и започна со истражување и инвестирање во развој на батериски системи.
Најнапред истите ги инсталира на сопствени проекти, а во моментов работи и на батериски системи за други инвеститори, со капацитет од над 50MWh, кои ќе почнат со работа од нова година.
Во Македонија се инсталирани над 1.000 MW фотонапонски електрани, за кои ќе бидат потребни околу 2.000 MWh батериски системи. Фероинвест ќе учествува во значителен дел од овие проекти, и како изведувач и како инвеститор.
Комерцијален текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

