Македонија
Фетаи за „Монструм“: Овој чин не заслужува ништо помалку од доживотен затвор
Обвинителката Фатиме Фетаи, која го застапува случајот „Монструм“, преку анализа на доказите, односно вештачењата и сведочењата, му докажуваше на судот дека возилото „опел омега“ било употребено за транспорт при извршување на петкратното убиството на Смилковското Езеро. Таа посочи дека возилото не било на МВР, како што тврдеше еден од сведоците во постапката, додавајќи дека на него биле најдени билошки траги од обвинетиот Алил Демири на потпирачот на глава, но и земја од Смилковското Езеро.
„Неточна е тезата од правно фактички и правно логичен аспект“, рече Фетаи за тврдењето на сведокот дека МВР е сопственик на „опелот омега“ образложувајќи дека тој ја препознал само по бојата, но не дал никакви други детали за неа, ниту регистарски таблички.
Обвинителката докажуваше и дека телата на убиените не биле донесени на Смилковското Езеро, како што беше тврдено во текот на постапката и јавноста. Таа рече дека трагите, нивното земање, транспортот, вештачењето, го запечатуваат тврдењето дека петкраткото убиство е направено онаму каде што се пронајдени телата.
„Лишени се од живот пет лица со употреба на оружје. Настануваат траги од крв, како и патрони. Трагите од крв може да бидат локва, слевање, капка… Трагите од слевање настануваат со истекување крв од крвните садови. Сите видови траги се важни бидејќи укажуваат дали телото е поместувано или донесено. Во однос на трагите од оружје, ќе се задржиме на проектилите и патроните како траги. Може да се пронајдат цели или одредени нивни делови. За патроните важи податокот дека се утврдува од какво оружје е испукано. Вистинското место на настанот е она каде што се пронајдени телата. Фингирање проектил, природното истекување на почвата каде што се извршило убиството е невозможно. На иста линија се и на вештите лица дадени во постапката“, рече Фетаи објаснувајќи ги материјалните докази и осврнувајќи се на научниот аспект во однос на доказите.
Се лиферуваа информации дека младите момчиња биле во блиски контакти со ќерката на Трајко Вељаноски, па затоа се случил настанот, рече Фетаи, која образложи дека немало индиции, ниту се докажало дека убините се познавале со неа ниту дека имале контакти, а најмалку дека поради тоа се лишени од живот.
„Во однос на околноста дека обвинетите биле на местото на настанот претходните денови, единствен доказ е исказот од заштитениот сведок. За деновите пред убиството не постои доказ дека иделе таму за да евидентираат кои лица од која националност доаѓале“, рече Фетаи.
За тоа дека Алил Демири, Агим и Африм Исмаиловиќ ги извршиле убиствата, Фатиме Фетаи рече дека има докази и се потврдуваат со материјални докази и сведочења пред судот.
„Вишок е само тоа дека на свиреп и подмолен начин било извршено убиство. За да биде на свиреп начин, треба да има страдање на жртвата и извршителот свесно да знае дека жртвата страда… Убиството на подмолен начин е на потајно сторување, каде што сторителот ја искористува неговата доверба… Во случајот има докази за употреба на три вида оружје, приближно траење на настанот… Да се разбереме, овој чин не заслужува ништо помалку од доживотен затвор“, рече таа објаснувајќи дека делот за свиреп и подмолен начин е вишок поради недостиг на докази.
За Фетаи, неважно е кој со какво оружје пукал, со оглед на делото тероризам за кое се гонат. Таа посочи дека имало договор за лишување од живот на жртвите меѓу обвинетите образложувајќи дека контактирале, но и како се транспортирале до извршувањето на убиствата кај Смилковското Езеро.
„Исказот на Хаки Азири заслужува верба. Ги има сите елементи за исказот да биде веродостоен. Делот за исклучените телефони се потврдува со листинзите од телефонските оператори. Чекањето во Топанско Поле се поклопува со времето на извршувањето на чинот. Обвинетиот Хаки самиот го дообјаснува моментот кога застанува возилото ‘опел омега’ зад неговото за обвинетите да се префрлат во неговата кола. На иста линија е и исказот на Хаки, кој ги дава сите појаснувања за настанот и неговите дејства“, рече Фетаи, која објасни дека на подоцнежното тврдење на Хаки Азири дека бил присилен да ја даде изјавата пред судот поради деталите што ги кажал во врска со чинот, не може да му се верува.
Фетаи бара сите обвинети да бидат осудени.
„Не би сакала никигаш повеќе во вршење на функцијата јавен обвинител да бидам доведена да давам завршен збор за ваков настан. Лицата за кои се бара осуда се одговорни за делата што им се ставаат на товар“, рече Фетаи на почетокот од завршните зборови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.

