Македонија
(Видео) Фетаи: Антонијо Милошоски нарачал лустрација на кичевски судија за да му се одмазди
Антонијо Милошоски нарачал лустрација против кичевски судија. Ова го соопшти денеска обвинителката на СЈО Фатиме Фетаи на прес-конференцијата на која информираше дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ е под истрага за незаконска продажба на имот во Македонски Брод на неговиот татко во истрагата со кодно име „Моќник“.
„Втората истрага – „Моќник“, се отвара поради основано сомнение дека под влијание на, во тој период исклучително моќен пратеник во Република Македонија, багателно се распродава имотот на државата и општински имот на негови блиски луѓе, употребувајќи измамнички дејствија спрема советниците на општината. Наведеното, продолжило со преземање понатамошни криминални дејствија од осомничениот пратеник и негови извршители – послушници во еден државен орган, за да се одмазди на луѓето за кои смета дека му се мешаат во неговите интереси и интересите на неговото поблиско семејство, со што постои основано сомнение дека се извршени кривични дела Измама од член 247 од КЗ и Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ. Постаппката се води против 13 лица“, рече обвинителката Фатиме Фетаи.
Постои основано сомнение дека во текот на 2011 година второроосомничениот – татко на првоосомничениот – пратеникот Антонијо Милошоски, и третоосомничениот – тогашен градоначалник на општината Македонски Брод, поттикнати со умисла од Милошоски, за неговиот татко да прибави противправна имотна корист, ги довеле во заблуда советниците во Советот на општина Македонски Брод и со лажно прикажување и со прикривање на факти ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување на зградата на „Задружниот дом“, со дворно место во с.Ижишта, општина Македонски Брод.
Благодарение на ваквата одлука на Советот, кој гласал во апсолутна заблуда за предметот на продажба и правниот статус на истиот, по спроведената противправна постапка за продажба и по продажбата на имотот од страна на осомничениот градоначалник на второосомничениот, нанесена е значителна штета на имотот на Република Македонија во вредност од 1.795.800,00 денари, а за продажбата на земјиштето нанесена е значителна штета на општината Македонски Брод во вредност од 1.176.000,00 денари или, вкупно нанеле значителна штета од 2.971.800,00 денари или, околу 50.000 евра.
На ден 27.10.2011 година второосомничениот писмено се обратил до Советот на општина Македонски Брод со барање Советот да донесе одлука за продажба на задружниот дом во с.Ижиште и лажно во барањето прикажал (навел) дека истиот веќе го користи тој простор, сопственост на Општината и сака да отвори сопствен бизнис. Веднаш следниот ден била закажана седницата на Советот на која се разглеедувало ваквото барање и градоначалникот на Општината лажно презентирал дека се работи за објект кој на барателот му бил даден на користење на 30 години од претходниот Совет и има договор за тоа, па за да може да се направи вложување во објектот третоосомничениот побарал од Советот да донесе одлука и да му се продаде објектот на второосомничениот преку јавна лицитација.
Ова го презел и покрај фактот што и тој, и останатите осомничени, знаеле дека всушност предмет на продажба не бил објект кој го користи второсомничениот, туку зградата во која била сместена администрацијата и градоначалникот на општина Пласница и две месни канцеларии на Управата за водење на матични книги, кој објект, патем, не бил ниту впишан во сопственост на општина Македонски Брод, туку сопственичкото право било запишано на име на Република Македонија. По ова советниците едногласно донеле одлука за продажба, иако според нивните искази прибрани во текот на оваа постапка, истите воопшто не знаеле дека со ваквата одлука всушност одобруваат продажба на општинската зграда во која била сместена општина Пласница.
Потоа, според доказите, постои основано сомнение дека градоначалникот, поттикнат од првоосомничениот пратеник, намерно не ги извршил своите службени должности кои бил должен да ги изврши и не го објавил огласот за продажба во Службен весник, со што ја ограничил конкуренцијата за јавното наддавање, па како наддавач се пријавил само второосомничениот, кој единствено знаел за денот на јавното наддавање и го купил објектот кој бил сопственост на Република Македонија за цена од 1.795.800,00 денари, што е 670 денари повеќе од почетно определената за наддавањето, парите ги уплатил на сметка на општина Македонски Брод, за што со третоосомничениот склучиле договор за купопродажба, заверен на нотар што е директна штета на Република Македонија како сопственик на објектот, а подоцна успеал во катастар да го впише објектот на свое име, како техничка исправка, иако немал основа за такво впишување.
Наедно со анекс го купил и земјиштето по цена од 100 денари по м2, во постапка без јавно наддавање, иако со актите на општината – ценовник, според кој од одделението за оданочување се вршело утврдување на пазарна вредност на градежно земјиште за тој регион била предвидена цена од 400 ден по м2, со што второосомничениот платил 300 денари помалку од пазарната по метар квадратен и заедно, второ и третоосомничениот, нанеле значителна штета на општина Македонски Брод во износ од 1.176.000,00 денари. Откако градоначалникот на општина Пласница дознал дека објектот во кој е сместена администрацијата на општина Пласница и неговиот кабинет е продаден на второосомничениот телефонски контактирал со неговиот син -првоосомничениот и побарал истиот да влијае да се ревидира „таа работа“, а побарал и од Владата на Република Македонија да ја испита продажбата.
По ова, од страна на Владата е оформена комисија, која по спроведената постапка утврдила незаконитост на наведената продажба од повеќе аспекти и го задолжила градоначалникот со тужба да бара поништување на овие правни работи, меѓутоа истиот не постапил по ваквото задолжение. Сепак, ваквата постапка на градоначалникот на општина Пласница кај првоосомничениот предизвикала гнев и чуство дека треба да ја користи својата политичка моќ за да му се одмазди на Исмаил за неговите интервенции во врска со продажбата, па првоосомничениот користејќи ја својата реална моќ надвор од своите овластувања во име на претседател на Комисијата за надворешна политика, подесувал барања за секаков вид на испекциски и полициски контроли врз правното лице „Пуцко петрол“.
Воедно, сметајќи дека еден судија од Основен суд Кичево е близок на градоначалникот на Пласница и го штити, постои основано сомнение дека организирал и го потикнал претседателот на Комисијата за лустрација, четвртоосомничениот да изврши незаконита лустрација над судијата за да му престане функцијата на судија.
Тоа е прифатено од четвртоосомничениот и заедно со останатите членови на Комисијата за утврдување на фактите, како службени лица постапувајќи во рамките на своите службени овластувања, со умисла, иако знаеле дека не се исполнети критериумите за лустрација, предвидени во чл.4 и чл.18 од Законот за определување на услов за ограничување на вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, донеле нарачана одлука за лустрација на оштетениот Драги Билески. Според обвинителката, судијата со одлука на Судскиот совет бил времено одалечен од судиската функција, а потоа му бил утврден и престанок на работен однос, со што му ги повредиле работните права, рече Фетаи.
Според обвинителката, постои основано сомнение дека Билески бил лустриран по нарачка на Милошоски бидејќи сметал дека го штити градоначалникот на Пласница, Исмаил Јахоски. Тој се спротивставил на продажбата на објектот во Македонски Брод на таткото на Милошоски бидејќи таму била сместена администрацијата на Пласница, за што реагирал во Владата. Била формирана и комисија што констатирала бројни неправилности при продажбата. Според Фетаи, пратеник нарачал инспекциски контроли во компанијата на Јахоски – „Пуцко Петрол“, но и лустрација на судијата што сметал дека го штити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета избркаа цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покажува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Македонија
Кривична пријава против поранешен директор на „Водовод“ – Кочани за местење тендер од 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против A.К.(44), поранешен директор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ – Кочани, З.Г.(53), вработен во претпријатието, Б.А.(64), исто така, вработен во претпријатието и против З.Ј.(55) поранешен вработен во јавното претпријатие, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Второпријавениот, како претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, и трето и четвртопријавените, како членови на Комисија за спроведување на јавна набавка, во текот на 2021 година постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка на стоки – средство за превентивна санација од пожари на Градската депонија, при што составиле и усвоиле тендерска документација која содржела спецификација за продукти кои не постоеле на пазарот со цел да ја ограничат конкуренцијата меѓу економските оператори и фаворизирање на правно лице од село во општина Могила.
Првопријавениот, иако бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на КЈП „Водовод“ Кочани склучил договор со што му овозможиле на операторот да се стекне со противправна имотна корист од 1.406.306 денари.
Македонија
Уапсени 15 возачи кои возеле без возачка и пијани
Вчера полицијата приведе 15 возачи поради возење без возачка, со активна забрана за управување, возење под дејство на алкохол и нерегистрирани возила, а една од нив е малолетничка, соопшти МВР.
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода 15 возачи, од кои двајца во Тетово и по еден во кочанско, Куманово, Гостивар, струмичко, Струмица, Неготино и Кавадарци затоа што управувале возило без возачка дозвола.
Возачот во Гостивар и малолетничката во Кавадарци претходно учествувале и во сообраќајни незгоди.
По еден возач во Струга и Велес управувале возила иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија, додека еден возач во Богданци управувал нерегистрирано возило.
Исто така, еден возач во Крива Паланка управувал возило под дејство на алкохол и без возачка дозвола, еден возач во Куманово управувал нерегистрирано возило без возачка дозвола и еден возач во Македонски Брод управувал возило под дејство на алкохол и со активна забрана за управување возило од Б категорија.
Лицата се приведени во полициска станица, а по насоки на јавен обвинител возилата се одземени и по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување односно доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.

