Македонија
Фетаи: Судот да го прибави решението за притворот на Јанева, па потоа да се одлучува за одложување
По барањето на одбраната за одложување на предметот „Шлаканиците во Центар“ од причина што специјалната јавна обвинителка Катица Јанева се наоѓа во притвор, обвинителката Фетаи упати предлог до судот да го прибави решението за притворот на Јанева па потоа да се одлучи што понатаму, односно дали предметот ќе продолжи со судската постапка.
„Точно е дека по 3 точки е определен притвор за Катица Јанева. Сметам дека е потребно прво да се прибави решението на Кривичниот суд со кое е определена мерка притвор према Катица Јанева, да се види кој е опфатот на таа мерка, односно што точно се штити па да се види дали има пречка за натамошно постапување“, рече Фетаи.
Обвинителката напомена дека за мислење за понатамошното дејствување СЈО се има обратeно и до Советот на јавни обвинители.
Адвокатот на обвинетите во случајот „Шлаканиците во Центар“, Димитар Дангов, во своето излагање по настанатата правна ситуација рече дека од причина што специјалната јавна обвинителка се наоѓа во притвор поради можноста за влијание врз сведоци потребно е постапката за овој, но и за другите предмети што ги води СЈО да бидат запрени.
Тој исто така истакна дека обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски како застапници на Катица Јанева не можат повеќе да го водат предметот од истата причина што и Јанева повеќе не е правен застапник на обвинението.
„Оваа правна ситуација претставува пречка за продолжување на овој предмет, но и за сите предмети кои ги застапува СЈО. Предлагам судот да донесе решение со кое ќе ја одложи главната расправа . Додека пречките постојат, расправата не може да се води бидејќи во овој предмет не постои овластен тужител“, рече Дангов.
Судијата ја одложи главната расправа со образложение дека треба да се почека мислењето на Советот на јавни обвинители за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

