Македонија
ФЗОМ крие дали платиле за да ги вратат податоците, три дена им требало за да сфатат дека има сајбер-напад
Директорката на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Магдалена Филиповска-Грашкоска, рече дека првин пријавиле оти системот има технички проблеми, а по три дена, утврдиле дека имале сајбер-напад. Нема детали кој го направил нападот, а се тврди дека никој не ги украл податоците. Според неа, ФЗОМ работи одговорно, а хакирањето го смета како нормално во Македонија бидејќи, како што додаде: „сајбер-војувањето не е ново“.
„Штом се утврди дека станува збор за сајбер-напад, јавноста беше известена. Сите ИТ-капацитети беа ангажирани за да се врати системот во функција. Експертите работеа деноноќно. Најважната работа е дека според сите анализи на ИТ-експертите нема одлевање податоци за граѓаните. Податоците не се украдени, тие се безбедни и заштитени. Тече истрага за сите детали. Здравствените и личните податоци се безбедни. Системите на Фондот се речиси во нормала, исплатени им се платите на здравствените работници, породилното“, изјави Магдалена Филиповска-Грашкоска, директорка на ФЗОМ.
Истрагата трае, рече Филиповска-Грашкоска, па потенцира дека има преелеминарна анализа за која не дава детали. Прашана дали со плаќање ги вратиле податоците, таа не одговори.
„ИТ-тимот работеше деноноќно за да ги врати функциите на системот во рекордно време. Велам во рекордно време затоа што, статистички, во многу поразвиени земји, просечно им требало 20 дена за да ги вратат функционалностите. Тоа сметам дека не е мала работа“, рече директорката на ФЗОМ, Магдалена Филиповска-Грашкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

