Македонија
ФЗОМ предупредува за сериозна фишинг-измама, која се одвива преку лажната веб-страница fzom.net
Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) ги известува граѓаните за сериозна фишинг-измама, која се одвива преку лажна веб-страница со адресата fzom.net. Оваа веб-страница се претставува како официјална страница на ФЗОМ (fzo.org.mk) и има цел да украде лични и финансиски податоци на граѓаните.
Измамниците преку fzom.net се обидуваат да ги измамат граѓаните да ги внесат своите:
· лични податоци (име, презиме, матичен број, адреса);
· податоци за здравствено осигурување;
· податоци за банкарски сметки и кредитни картички;
· кориснички имиња и лозинки.
ФЗОМ категорично ги предупредува граѓаните да не ги внесуваат своите лични податоци на веб-страницата fzom.net. Официјалната веб-страница на Фондот е исклучиво fzo.org.mk.
· Проверете ја внимателно веб-адресата пред да внесете какви било лични податоци;
· Не отворајте линкови од сомнителни е-пошти или пораки;
· Не споделувајте ги вашите кориснички имиња и лозинки со никого;
· Пријавете ги сите сомнителни активности на ФЗОМ или во најблиската полициска станица;
· Официјалната веб-страница на ФЗОМ никогаш нема да побара од вас внесување банкарски податоци.
ФЗОМ извести дека веќе презема мерки за да ја блокира оваа лажна веб-страница и да ги заштити граѓаните. Фондот соработува со надлежните органи за да ги идентификува и казни сторителите на оваа измама.
ФЗОМ апелира до граѓаните да бидат внимателни и да ги заштитат своите лични податоци од ваквите измами.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода утре делови од Карпош и Кисела Вода
Без вода утре ќе останат делови од Карпош и Кисела Вода, информира Регионалниот центар за управување со кризи.
„Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека на ден 30.12.2025 година ( вторник ):
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)“, информира РЦУК.
Македонија
Утре без струја делови од Петровец, Студеничани, Сопиште и Ѓорче Петров
Утре без струја ќе останат некои од корисниците од општините Петровец, Студеничани, Сопиште и Ѓорче Петров, информира Регионалниот центар за управување со кризи.
„Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, на ден 30.12.2025 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)“, информира РЦУК.
Македонија
Утре претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за слаб локален снег
Утре претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.

