Македонија
ФЗО и натаму тврди дека дал согласност за ампулите парацетамол за задолжителна терапија
Фондот за здравствено осигрување по вторпат испрати известување во кое по вторпат потврди дека документот што го објави „Макфакс“ е известување дека ФЗО дало позитивно мислење за дополнување на задолжителната ампуларна терапија со ампули парацетамол од 1000 милиграми. „Макфакс“ го објави дописот на ФЗО дека станува збор за првичен договор. Овие ампули во пропишаната доза во Македонија го увезува само веледрогеријата „Марти-Алко ДОО“ под името „апотел“.
Во соопштението испратено на 2 странции се тврди дека јавноста била дезинформирана, иако „Макфакс“ ги доби одговорите од Фондот цел еден ден откако побара став, односно откако беше објавен текстот.
Беше пренесен став на претседателката на Здружението на приватни лекари на РМ, Лилија Чолакова Дервишова, која потврди дека е чудно што меилот со известувањето го добиле прво од фармацевтската компанија и дека не биле консултирани за мислење, а за промена на задолжителната ампуларна терапија, треба да се потпишат анекси на договорите со Фондот.
Од ФЗО наведуваат дека немаат дадено задолженија или измени на листата доставени до матичните лекари, ниту до еснафските здруженија за набавка на лекот. Додаваат дека деловната преписка меѓу Фондот и фирмата која поднела предлог е објавен на официјалната страница на Здружението на приватни лекари на Република Македонија.
Фондот сепак не одговори на прашањата зошто токму таа доза парацетамол (1000 mg/6,7 ml.) е наведена во известувањето кое го објави „Макфакс“, и врз основа на кои медицински сознанија, анализи, односно медицина базирана на докази, ФЗО се сложил да даде согласност за дополнување на ампуларната терапија со таа доза, која ја узвезува само една фирма во Македонија.
Од институцијата информираат дека постапката за промени на задолжителна ампуларна терапија, вклучува и анализа на финансиските импликации кои би ги имале ФЗО и матичните лекари во консултација со Лекарската комора и со стручните здруженија.
Констатираат дека дописот до „Макфакс“ не бил објавен во целост, што не претставува обврска, бидејќи, не станува збор за демант, туку за сопштение, од кое агенцијата ги објави сите информации кои се суштински за одговорот од Фондот.
„Макфакс“ му укажува на Фондот дека ФЗО наместо да дели лекции по начини на информирање, да ја преиспита транспарентноста на постапката. За ова прашање, како што веќе објавивме, на седница расправала и Лекарската комора на Макеоднија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски ги соопшти петнаесетте предлози со имињата на кадровските решенија за новата влада
Мандатарот за состав на влада и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес-конференција ги соопшти имињата за кадровските решенија во новата влада од коалицијата „Твоја Македонија“, што вечерва беа потврдени од Извршниот и Централниот комитет на партијата. Тој рече дека нивна работа е да се врати Македонија на народот и дека доаѓаат убави времиња за народот.
„Го немаме луксузот да не се успее, ниту пак да се прават репризи на минати владеења каде ќе се загуби врска со единствениот суверен, народот. Во овие луѓе кои ги предлагам имам голема надеж и не чека мнпогу работа. Мора да ги засукаме ракавите оти состојбите се очајни“, изјави Мицкоски.
Тој ги соопшти имињата на новите министри во македонската Влада.
Министер за транспорт и потпретседател на Влада – Александар Николоски
Министер за одбрана – Владо Мисајловски
Министер за финансии – Гордана Димитриовска Кочоска
Министер за надворешни работи и надворешна трговија – Тимчо Муцунски
Министер за локална самоуправа – Златко Перински
Министер за информатичко општество и дигитална трансформација – Стефан Андоновски
Министер за спорт – Борко Ристовски
Министер за енергетика, рударство и минерални суровини – Сања Божиновска
Министер за земјоделие, шумарство и водостопанство – Цветан Трипуновски
Министер за култура и туризам – Зоран Љутков
Министер за внатрешни работи – Панче Тошковски
Министер за образование и наука- Весна Јаневска
Министер за политички систем – Љупчо Димовски
Министер задолжен за односи меѓу заедниците – Иван Стоилковиќ
Министер задолжен за интеграција и имплементација на Декадата на Ромите – Шабан Салиу
Мицкоски на прес-конференцијата рече дека ќе биде тешко, но дека ако требало да биде лесно ќе бил некој друг, а не ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Извршниот и централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ заседаваат за кадровскиот состав од партијата
Извршниот и централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска заседаваат за кадровскиот состав од партијата за владата што ќе го предложи мандатарот и лидер Христијан Мицкоски. Откако предлозите ќе поминат на Извршен, а ќе заседава Централниот комитет.
После еден час, односно во 20:00 е закажана прес-конференција на мандатарот на која ќе ја запознае јавноста со имињата на министрите и замниците министри кои ќе бидат дел од предлогот што ќе го достави до Собранието.
За вторник се очекува Мицкоски да го достави предлогот до Законодавниот дом, а следниот викенд да се гласа владиниот кабинет.
Македонија
Силјановска-Давкова од Швајцарија: Тековната војна во Украина нè засега сите нас
Во обраќање на пленарната сесија на Самитот за мир во Украина, што викендов се одржува во Бургеншток на езерото Луцерн во Швајцарија, претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова истакнала дека тековната војна во Украина нè засега сите нас.
Како што соопшти Кабинетот на Силјановска-Давкова, таа оценила дека Украина е изложена на огромно човечко страдање и уништување, дека безбедносната архитектура на Европа е под закана, а на глобално ниво животите на милиони луѓе се засегнати од тешките економски последици.
„На најсилен можен начин ја осудуваме неиспровоцираната и неоправдана агресивна војна на Русија и ја поддржуваме Украина на најдобар начин, дури и повеќе од она што го дозволуваат нашите ограничени капацитети, ресурси“, истакнала претседателката Силјановска-Давкова.
Нашата држава, посочила претседателката, се приклучи кон Кримската платформа и целосно се усогласи со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, „а Украина беше главен приоритет за време на македонското претседавање со ОБСЕ во 2023 година“.
На хуманитарен план, како што рекла, „се приклучивме на меѓународната коалиција за враќање на украинските деца и обезбедивме цивилна поддршка и итна помош за Украина и за украинските бегалци. Како поддршка на евроатлантските аспирации на Украина испративме воена опрема преку Пакетот за сеопфатна помош на НАТО“.
„Како суверена нација, само Украина може да одлучи за својата иднина. Од Украина зависи кога и како ќе ја ангажира Русија за евентуално усогласено решение. Праведниот мир мора да биде вкоренет во принципите на Повелбата на ОН за суверенитет и територијален интегритет. Обидот на Русија да стекне територија со сила е флагрантно кршење на овие основни начела. Кога опасните преседани остануваат неоспорени, тие можат да се претворат во толерирани практики. Компромисите со меѓународното право и принципи можат да го компромитираат европскиот, па дури и светскиот мир и безбедноста. Единствениот начин да се избегне ова е да се почитува Повелбата на ОН и принципите на меѓународното право, без исклучок“, нагласила претседателката Силјановска-Давкова, истакнувајќи дека воздржувањето од употреба на сила, почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите, и заштитата на човековите права и основните слободи, се цврсти принципи за кои не може да се преговара.
Претседателката Силјановска-Давкова во обраќањето денеска, наведува нејзиниот Кабинет, посочила дека „додека се развива рамката за иден мировен договор, ќе продолжиме да ја поддржуваме слободна, независна, демократска и суверена Украина“.