Македонија
Филипче: Безбедноста на граѓаните загрозена во 100 дена власт на Мицкоски
Насилничкото однесување на припадници на полицијата, ја покажа погубната страна на партизацијата на безбедносните служби во првите 100 дена од владеењето на Мицкоски и коалицијата. Ова е став на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој денеска на прес-конференција ги анализираше првите 100 дена од мандатот на Мицкоски и коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Телохранители на Мицкоски кои тепаат полицајци стануваат команданти, а лица со криминално минато се поставуваат за директори. Безбедносните служби целосно се криминализираат. За само 100 дена имаме партизација на виталните институции и загрозување на безбедноста на косовската граница. Партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ и Влен ја третираат државната граница како приватен премин. Никој не контролира што и кој влегува или излегува на Блаце“, рече Филипче.
Тој потенцираше дека од почетокот на мандатот на министерот за внатрешни работи Панче Ташковски, досега личната безбедност на граѓаните е непозната категорија.
„За сто дена ВМРО-ДПМНЕ улиците станаа небезбедни каде убиствата, разбојништвата и нападите се секојдневие. Десетици нерасчистени убиства има само откако Тошковски е министер за внатрешни работи. Во полицијата, наместо професионализација имаме партизација со насилници и криминалци“, истакна Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

