Македонија
Филипче: Буџетот е осакатен во делот на енергетика и животна средина, средствата преполовени
Во Предлог Буџетот за 2025 година нема никаква визија за енергетска независност на државата. Владата на Христијан Мицкоски направи цело Министерство за енергетика, што ќе нема што да работи. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прва седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која што се разгледува Предлог Буџетот за 2025 година и остро ја критикуваше Владата и во делот на буџетските проекции за енергетиката и за заштитата на животната средина.
Како што потенцираше Филипче, во Предлог Буџетот за 2025 нема државни проекти за модернизација на енергетските капацитети или нови инвестиции во енергетската ефикасност. Средствата за гасификација се речиси преполовени, додека за енергетска трансформација нема ништо.
„Пред некој ден премиерот Мицкоски најави гасна когенеративна централа со која ќе се намали загадувањето. И министерке, Ве прашувам: Каде се овие гасни централи во буџетот? Во која ставка се алоцирани овие средства? Да Ве потсетам, во буџетот што Вие го браните овде, во делот на енергетика има помалку предвидени средства за развој на енергетиката од 406.331 на 243.100 милиони денари. Но, затоа имате предвидено повеќе средства за искористување на природните ресурси“, потенцираше Филипче.
Тој ја праша министерската за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска дали под искористување на природни ресурси се подразбира отворање на нов рудник, но и до каде е ветерниот парк во Штип најавуван од премиерот Мицкоски.
„Министерке, сте биле ли во Штип да видите дали има 680 милиони евра инвестирани за ветерен парк или има ледина каде се движат животни? Нема ниту парк на терен, ниту во буџетот“, истакна Филипче.
Филипче упати критика за планирањето на буџетските средства и за Министерството за животна средина каде што, како што потенцираше, повеќе средства се одвојуваат за плати и вработувања, а помалку за заштита на животната средина. Министерке, со повеќе пари за плати, а помалку за проекти ќе се борите против загадувањето?, праша Филипче на Комисијата за финансирање и буџет.
„Заштита на животната средина, намалување од 611.387 на 442.065 милиони денари, или намалување од: 27,7%, за квалитет на воздух: намалување од 46.415 на 22.771 милиони денари, или намалување од: 51%. Тука не се правдајте со донации од надвор, прашањето е: зошто Владата не издвојува повеќе средства за решавање на овој горлив проблем“, праша Филипче.
Филипче ја потсети министерката за финансии на Планот за чист воздух, донесен на почетокот на мандатот на Владата на СДСМ, поддржан од Европската Комисија и со акционен план и алоцирани средства од 1,5 милиони евра и праша, дали проектираните 368.000 евра за 2025 година се доволни за справување со загадувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

