Македонија
Филипче: Вакцинацијата започнува во среда со здравствените работници

Министеротза здравство Венко Филипче, кој присуствуваше на примопредавањето на вакцините против коронавирус, што Србија ни ги донираше утрово на граничниот премин Табановце, се заблагодари на пријателскиот чин од нашиот северен сосед.
Тој рече дека имунизацијата на нашите здравствени работници ќе започне во среда.
„ Подготвени сме да ги примиме вакцините. Тие се на пат да бидат сместени во фрижидери. После најавата во петокот вечерта на Фајзер, ние во текот на вчерашниот ден работевме. Го потпишавме трипартитниот договор, што беше практично услов да се случи оваа донација од Србија. Вакцините се денеска во нашата земја. Во текот на утрешниот ден ќе се заврши регуларната процедура во Агенцијата за лекови, после што вакцинацијата ќе започне во среда со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје“, рече Филипче.
Вакцинацијата ќе се одвива во три фази согласно утврдениот Национален план за имунизација на населението. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од денес почнува пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип на ризичните групи, објави Министерството за здравство

Министерството за здравство информира дека од денес почнува пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип на ризичните групи население, кои може да се пријават со пополнување на апликацијата vakcinacija.mk на следниот линк: https://vakcinacija.mk/mk/registration-flu или преку својот матичен лекар.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи.
– Интересот на граѓаните за бесплатната вакцинација против сезонски грип секоја година е сѐ поголем, што покажува зголемена свесност за значењето за заштита од грип, и уште еднаш ја потврдува важноста и потребата од оваа превентивна мерка. Ги повикувам граѓаните, а посебно лицата од ризичните категории навреме да го заштитат своето здравје. Министерството годинава набави историски најголем број вакцини против сезонски грип – 80.000 дози четиривалентна вакцина од реномираниот производител „Абот“ од Холандија, истакна министерот за здравство, Азир Алиу.
Македонија
Сестринската професија со децении била потценета и маргинализирана во системот: Алиу ги сослуша претставниците на Унијата на медицински сестри

Министерството за здравство ја почитува улогата и професионалниот придонес на медицинските сестри во здравствениот систем. Најнапред, во однос на вчерашната јавна дискусија, ја информираме јавноста дека станува збор за еден од повеќето чекори во тековниот процес на системско усогласување на 12 закони во здравството. Процесот е етапен, континуиран и максимално инклузивен, со вклучување на стручни здруженија, институции од системот, комори и меѓународни партнери, истакнуваат од ова министерство откако Унијата на медицински сестри реагираше дека не се сослушани нивните ставови.
„Министерот за здравство, Азир Алиу, денес ги прими претставниците на Унијата на медицински сестри ЗМСТАС „За нас“ и ги сослуша нивните ставови. На средбата јасно беше истакнато дека процесот за усогласување на 12-те закони не е затворен ниту финализиран, туку продолжува по етапи, со можност стручните забелешки да се вградат пред влегување во собраниска процедура. Министерот апелираше процесот да не се политизира, туку да остане во рамки на професионален дијалог и аргументирани предлози, во интерес на пациентите и целокупниот здравствен систем“.
На средбата Алиу истакнал дека ја препознава реалноста дека сестринската професија со децении била потценета и маргинализирана во системот — и токму затоа тековните реформи имаат цел системски да ја унапредат нејзината позиција, статус и глас во креирањето политики.
„Воедно потенцираме дека процесот на усогласување на пакетот од 12 закони е во тек и не е завршен. Тој ќе продолжи инклузивно и отворено, а секоја заинтересирана страна ќе има можност да даде свој придонес сè до моментот кога законските решенија ќе влезат во собраниска процедура и ќе бидат разгледувани и изгласани од пратениците“.
Унијата на медицинските сестри претходно реагираше и бараше да бидат слушнати нивните ставови.
Македонија
Минчев: Европеизацијата не почнува во Брисел, почнува овде, во секоја општина, на секој шалтер, во секој службеник кој работи со чест и со интегритет

Министерството за јавна администрација денес го започна вториот циклус на генерички обуки за административните службеници во Полошкиот регион, со што продолжува реализацијата на реформската агенда за професионална, ефикасна и современа јавна администрација.
На настанот присуствуваа претставници од институциите, административни службеници, како и експерти и обучувачи вклучени во обуката.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во своето обраќање истакна дека овие обуки се дел од континуираниот процес на градење нова култура на работа и нов дух во јавниот сектор:
„Реформите во јавната администрација не се само ветувања или празни зборови во уште една владина програма, туку вистински дела што се гледаат, чувствуваат и го менуваат секојдневието на граѓаните. Нема модерна држава без модерна администрација. Нема доверба без професионални, одговорни и мотивирани службеници.“
Министерот нагласи дека со овие обуки државата поставува нов стандард во начинот на кој се грижи за своите службеници, со повеќе од 600 обучени лица од претходниот циклус, а новиот циклус продолжува со уште поголем интензитет и покриеност низ сите региони.
„Овие обуки се практични, современи, инспирирани од најдобрите европски примери и имаат за цел не само да пренесат знаење, туку и да ја менуваат културата на работење – да создадат службеници кои не работат затоа што мораат, туку затоа што сакаат да направат разлика,“ рече Минчев.
Тој потсети дека во изминатата година министерството направи сериозни чекори во реформите на јавната администрација – со нови законски решенија што ја зајакнуваат отчетноста и транспарентноста, модернизација на системот за човечки ресурси ИСУЧР, развивање на ЛМС системот за онлајн обуки и воведување на нови практики за професионализација и ефикасност.
Дополнително, тој ја нагласи важноста на јавната администрација како темел на државноста и двигател на европската интеграција:
„Европеизацијата не почнува во Брисел – таа почнува овде, во секоја општина, на секој шалтер, во секој службеник кој ја работи својата работа со чест, со почит и со интегритет.“
Како што истакна, јавната администрација не е трошок туку таа е инвестиција.
„Инвестиција во стабилност, доверба и државност. Денес градиме систем што ќе биде транспарентен, човечки и европски по дух. Сега е моментот да покажеме дека државата може да функционира поинаку – со ред, со принципи и со резултати.“
Со вториот циклус на генерички обуки, Министерството за јавна администрација продолжува да ја гради визијата за професионална, етичка и европска администрација – администрација која ќе биде гордост на државата и вистински сервис на граѓаните, нагласуваат од оваа институција.