Македонија
Филипче, Васев и Нухи одговорни во случајот на Онкологија, Мизрахи достави заклучоци за политичка одговорност на владини и здравствени функционери
Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија утврди политична одговорност кај поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, ексмедицинскиот директор на Онкологија, Нино Васев, Нехат Нухи, поранешен организациски директор на УКРО, кај поранешната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова, како и кај екс-директорите на ФЗОМ, Стево Крстевски и Фатон Ахмети.
За ова преку фејсбук-статус информира и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
„Претседателката на анкетната комисија за скандалот на Онкологија, Рашела Мизрахи, достави заклучоци за политичка одговорност на владини и здравствени функционери поради непостапување во согласност со законските надлежности, а на штета на здравствениот систем и многу пациенти на Клиниката за онкологија: Венко Филипче, министер за здравство во периодот од декември 2017 до јануари 2022 година, Нино Васев, медицински директор на Универзитетската клиника за онкологија во периодот од јуни 2017 година до ноември 2022 година, Нехат Нухи, организациски директор на Универзитетската клиника за онкологија во периодот од 2021 до април 2023 година, Ирина Сотирова-Бухова, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат во периодот од 2017 до август 2022 година, Стево Крстевски, директор на Фондот за здравствено осигурување во периодот од ноември 2020 до април 2022 година, Фатон Ахмети, втор директор на Фондот за здравствено осигурување во периодот од октомври 2020 година август 2023 година“, пишува Милошоски.
Одговорноста, според заклучоците, била утврдена поради прекршување уставни начела, непостапување во согласност со надлежностите што се пропишани во законите од областа на здравствениот систем, како и прекршување позитивни прописи од подзаконските акти, со кои се уредуваат организацијата, работењето и контролата на здравствените установи.
Според претседателка на анкетната комисија, која објаснувајќи ги заклучоците, клучниот документ што ги утврдува неправилностите во работата на Клиниката за онкологија е извештајот на Државниот завод за ревизија за 2021 година. Извештај, за кој, како што е посочено, ДЗР како овластена институција јавно го објавила во април 2023 година, а кој уште во текот на изготвувањето им бил претставен на раководните лица во Министерството за здравство, како и директорите во ЈЗУ Клиника за радиотерапија и онкологија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

