Македонија
Филипче: Велеа дека лидерска е губење време, па обвинуваат за моноетничност, ги повикувам повторно

Јас повикав на средба со сите претседатели на политичките партии и, да ве потсетам, претседател на една албанска партија рече дека тоа би било губење време (се мисли на Таравари), а сега нè обвинуваат за некаква моноетничка средба. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање поврзано со обвинувањата од албанскиот блок на политичките партии дека вчерашната средба во Владата со премиерот Христијан Мицкоски е план за моноетничка соработка.
„Јас на тој состанок го претставував СДСМ, а премиерот Христијан Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ, и ние се состанавме како лидери на двете најголеми партии во македонскиот блок. Притоа премиерот Мицкоски беше првиот што без забелешка и единствен што ја прифати поканата за средба“, истакна денеска Филипче од Струмица.
Тој уште еднаш упати јавен повик до сите политички партии за организирање лидерска средба.
„Апсолутно, сметам дека треба да продолжиме во следниот период во насока на организација на средба на лидерите на сите поголеми политички партии. Ова нека биде уште еден мој повик до сите партии бидејќи јас тука не гледам никаква потреба да се делиме на македонски или албански блок кога станува збор за интересите на државата“, потенцира претседателот на СДСМ.
Филипче истакна дека никој нема право да го обвинува Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за етнички или националистички политики или пристап имајќи предвид дека во извршниот одбор на СДСМ има Албанец, Македонка муслиманка, а во следниот период ќе има и Ромка.
Претседателот на СДСМ повтори дека вчерашната средба со премиерот била конструктивна и на неа било договорено формирање заеднички тела или групи што ќе работат на подготовката на законите од реформската агенда, со фокус на правосудството, енергетиката и стратешките проекти во здравството, а кои треба да стигнат во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче ја руинира СДС, историски дебакл на некогаш големата СДС

Дебаклот што се случи на локалните избори е знак дека СДС тоне во нивната ароганција, аздисаност и водење политики спротивно на интересите на народот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„На локалните избори СДС освои околу 126 илјади гласови на советничките листи, што претставува убедливо најлош резултат во историјата. Или во број на советници, СДС има 230, што е за 2,5 пати помалку од ВМРО-ДПМНЕ. Споредбено со 2021 година, СДС имаат загубено околу 110 илјади гласови, а приближно 170 советнички места. Да е трагедијата уште поголема, на неколку места во државата, СДС е трета, четврта и пак петта партија. Такви се случаите во Битола, Брвеница, Бутел, Дебарца, Карпош, Кисела Вода, Кочани, Брод, Могила, Долнени, Куманово, Шуто Оризари и градот Скопје. СДС си го изгуби и бастионот Струмица и тоа уште во прв круг, а тенденциите се дека ќе ги изгуби скоро сите општини каде се влезени во втор круг, токму од ВМРО-ДПМНЕ“, велат од партијата.
Затоа, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, потребна е оставка од Филипче и итни реформи во СДС.
„Срамни се овие резултати на некогаш големиот Социјалдемократски сојуз. Нам ни е потребна опозиција која ќе биде коректив, а не опозиција водена од човек без кредибилитет, како Филипче“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ освои 550 советнички места, повеќе за 82 од минатите локални избори, а СДСМ 230 советника, што е помалку за 166

„ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие избори. Со 50% подобар резултат од 2021 година каде што имавме 22 градоначалници во прв круг, сега во прв круг доби градоначалници во 33“, велат од партијата.
„Историската победа во 33 општини во првиот круг е потврда за чесната работа и посветеност, реализирани проекти изминатата година и половина од Владата, така и од градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ изминатите 4 години. На овие локални избори ВМРО-ДПМНЕ победи и во бастионот на СДС – Струмица, каде со победата во прв круг, струмичани им кажаа збогум на лошите локални политики на Заев и неговите марионети. Делчево, Берово и Старо Нагоричане се општини каде што локалната власт ја водеше СДС и каде што граѓаните, кадрите на дуото Заев-Филипче ги испратија во “пензија”“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека на изборите добиле околу 325.000 гласови за градоначалници, а на советничките листи приближно до 302.000 гласови.
ВМРО-ДПМНЕ победи во следните 33 општини: 1.Берово, 2.Битола, 3.Босилово, 4.Бутел, 5.Василево, 6.Вевчани, 7. Велес, 8.Гази Баба, 9.Гевгелија, 10.Ѓорче Петров, 11.Градско, 12.Делчево, 13.Демир Хисар, 14.Зелениково, 15.Илинден, 16.Јегуновце, 17.Кавадарци, 18.Карбинци, 19.Кисела Вода, 20.Кратово, 21.Новаци. 22.Ново Село, 23.Охрид, 24.Петровец, 25.Пехчево, 26.Прилеп, 27.Радовиш, 28.Ресен, 29.Свети Николе, 30.Сопиште, 31.Старо Нагоричане, 32.Струмица и 33.Штип.
Од партијата велат дека имаат водство во Валандово, Дојран, Конче, Демир Капија, Неготино, Виница, Зрновци, Македонска Каменица, Кочани, Чешиново-Облешево, Пробиштип, Ранковце, Карпош, Аеродром, Брвеница, Македонски Брод, Кичево, Дебрца, Могила и градот Скопје, каде што Орце Ѓорѓиевски, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, води околу 3:1 во однос на второпласираниот кандидат.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека освоиле 550 советнички места во општинските совети, а од друга страна СДС има 230 советнички места, или 2,5 пати помалку.
„Историскиот резултат од овие избори, покажува дека граѓаните го направија вистинскиот избор за секое, маало, за секоја општина, за државата да продолжи да се движи напред. Оваа историска победа и доверба од граѓаните за ВМРО-ДПМНЕ и за избраните градоначалници и советници, претставува чест, но и обврска да продолжи посветената работа за развој и напредок на Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Влен“: Таравари отиде за шест општини, остана со четири, заврши со нула

Нереализирањето на цензусот во општините Гостивар и Врапчиште е најјасниот одговор на политичките акробации што со месеци се правеа во име на Албанците, но за лични интереси, велат од ВЛЕН.
„Ова е, пред сè, порака до Арбен Таравари, а потоа и до Исен Шабани, кои помислија дека Албанците ќе ги следат во нивните политички игри, менувајќи ги принципите како ситни пари.Иако се обидуваат да најдат оправдувања, суверенот со овој потег им удри силна шлаканица на политиките на менување принципи за ситни лични интереси. Таравари отиде за шест општини, остана со четири и заврши со нула“, велат од Коалицијата.