Македонија
Филипче: Влегуваме во очекуваниот есенски бран, да го поминеме заедно со почитување на мерките
Со денешната повторна висока бројка на новозаболени станува јасно дека влегуваме во очекуваниот есенски бран. Иако многумина не веруваа во најавите дека тој ќе се дојде, сепак се докажува дека очекувањата беа реални. Цела Европа во моментот се соочува со нова криза и во повеќе земји има силни рестрикции и нови мерки, напиша министерот за здравство, Венко Филипче, на „Фејсбук“.
Со денешната повторна висока бројка на новозаболени, станува јасно дека влегуваме во очекуваниот есенски бран.Иако,…
Posted by Венко Филипче on Вторник, 06 октомври 2020
„Разбирам дека кај сите има голем замор од оваа состојба и дека буквално ви е преку глава од коронавирусот. Но, верувајте дека заморот е уште поголем кај здравствените работници. Тие седум месеци деноноќно работат да ја одржат состојбата под контрола. Целиот менаџмент и Комисијата за заразни болести дадоа сѐ од себе изминатиов период да подготват протоколи, да го реорганизираат системот и да го дочекаме подготвени есенскиот период.
Како министер нема да дозволам да се преоптовари здравствениот систем и да нема кревети за лечење. Нема да дозволам да клекнат на колена колегите од замор.
Рестрикции и мерки ќе носиме секогаш кога ќе процениме дека тоа е единствен начин да се заштитат системот и јавното здравје. Тоа е наша одговорност и должност.
Мерките и рестрикциите не се ничија желба или хир. Едноставно, мора да разбереме дека тие се единствените алатки што ни се на располагање за да се заштитиме. Го разбирам целосно гневот на оние што доследно ги почитуваат постојните мерки што се во сила од почетокот и со нив ефикасно се штитат. За многумина, препораките за одржување дистанца, носењето маска и редовната дезинфекција се доволни мерки. Во оваа пригода сакам да им изразам голема благодарност и да им честитам на свесноста и совесноста. За жал, новите мерки што ги носиме мора да се однесуваат за сите и, едноставно, не може парцијално да се применуваат само онаму каде има непочитување на основните три.
Како Влада силно се заложуваме за спроведување на мерките и казнување на оние што не ги почитуваат. Од денес веќе и инспекциите имаат поголеми надлежности и тие максимално посветено ја работат својата работа. Верувам дека надлежните ќе направат сѐ да ги санкционираат неодговорните граѓани. Сепак, ќе повторам нешто во што силно верувам од самиот почеток – ниту инспекторите, ниту полицијата ниту здравствените работници не може да се справат со несовесноста на некои граѓани и компании.
Затоа, уште еднаш апелирам – да се обединеме и да се поддржиме меѓусебно. Заедно да го надминеме следниот период преку почитување на мерките, без исклучок. Ви благодарам“, напиша Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.

