Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ ја носи државата во економска и општествена бездна! СДСМ ќе се бори за враќање на довербата
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител Телевизија порача дека судот за тоа дали тој ќе успее да ја направи СДСМ повторно победничка партија ќе го дадат граѓаните. Тој нагласи дека неговата задача е да ја консолидира партијата и да продолжи по започнатиот пат на обнова.
„Сè уште има многу простор за работа, а ние сме решени да продолжиме, не само во пресрет на локалните избори, туку и во следните години“, истакна Филипче.
Тој потенцира дека СДСМ никогаш не се борела за власт по секоја цена, туку за доверба што ќе им овозможи да работат во интерес на граѓаните.
Филипче упати сериозни критики кон актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи на неконтролираниот раст на цените, стагнацијата на платите, намалениот животен стандард и доцнењата во исплатата на плати и ДДВ за компаниите.
„Живееме во време на тешка економска и општествена криза. Владата е неспособна да ги реши проблемите што граѓаните секојдневно ги чувствуваат. Платите не се зголемуваат, а во многу институции дури и не се исплаќаат навреме“, рече Филипче.
Дополнително, тој ја обвини власта за груба партизација на институциите, каде, како што тврди, неподобните кадри се казнуваат со прераспоредување на работни места далеку од своите домови.
„Ако не сте член на ВМРО-ДПМНЕ или партија од владејачката коалиција, бидете сигурни дека ќе ве преместат да работите 100 километри подалеку“, предупреди лидерот на СДСМ.
Според него, владата ја прикрива тешката состојба преку силна пропаганда, но реалноста на граѓаните е сурова.
„Од плата до плата се живее максимум до 10–15-ти во месецот, потоа почнува вистинската борба за опстанок“, подвлече Филипче.
Тој порача дека токму поради оваа состојба, СДСМ има уште поголема обврска да работи, да ја зацврсти својата структура и да ја врати довербата на граѓаните.
Како што истакна Филипче во интервјуто, општините под раководство на СДСМ се запоседнати од инспекции.
„Ние имаме 17 градоначалници и сите можни инспекции се во општините во пресрет на локалните избори. Од Управата за јавни приходи, организиран криминал, различни други институции коишто се под Министерството за внатрешни работи”, потенцира Филипче.
Како што додаде тој, тоа се случува исклучиво во општините кои се раководени од луѓе од СДСМ, а не и во другите општини каде што има градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

