Македонија
Филипче: Зависниците се пациенти со потреба за лекување, да ја разбиеме стигмата и да им го овозможиме тоа
Министерот за здравство, Венко Филипче, во врска со дисперзијата на Центарот за зависници во Кисела Вода информираше за конкретните чекори што се преземаат за подготовка за оваа постапка.
„Целта на дисперзијата е да покажеме дека секој има право на пристап до здравствена заштита и има право на добивање квалитетна здравствена заштита. Пациентите ќе ја примаат потребната терапија во центрите, пред медицинскиот персонал, така што на овој начин се елиминира можноста за евентуално препродавање на терапијата“, посочи министерот, потенцирајќи дека за дисперзијата е постигнат консензус со здруженијата од оваа област.
Филипче истакна дека мерката се спроведува како заеднички пристап со Здравствен дом Скопје, имајќи предвид дека вакви центри, покрај Кисела Вода и Градската болница „8 Септември“ ќе функционираат во рамки на поликлиниките во Аеродром и Ченто, како и Психијатриската болница Скопје, со тенденција дисперзијата да продолжи и во поликлиниките во Ѓорче Петров, Чаир и Шуто Оризари.
Според него, успешност на дисперзијата гарантираат помалиот број пациенти, поголем број здравствени работници вклучени во овој процес, а со тоа е зголемена и контролата на начинот на делење терапија.
„Тие се наши соседи, пријатели, сограѓани, на кои треба да им овозможиме пристап до потребната терапија“, нагласи министерот Филипче и додаде дека следи подготвителен процес за обезбедување нови кадровски решенија, односно планирано е вработување на дополнителни 20 психијатри кои ќе бидат вклучени во овие пунктови.
Филипче увери дека посебен фокус е ставен на условите каде ќе ја примаат терапијата овие пациенти, следи набавка на сефови за чување на терапијата, а паралелно ќе се работи со населението во насока на разбивање на стигмата кон овие пациенти и начинот на кој се лекуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

