Македонија
Филипче: За 40% ќе ги зголемиме платите на здравствените работници
На денешната централна прес-конференција во Штип, претседателот на Комисијата за здравство на СДСМ, Венко Филипче ги презентираше вложувањата во здравството во изминатите три години и ги најави следните чекори со цел зајакнување на целиот здравсрвен систем.
Филипче потенцираше дека кризата покажа дека здравството е еден од столбовите на државата. Тој рече дека ќе се продолжи да се инвестира во човечките ресурси, во напредни методи, во опрема и во терапии. До крајот на 2020 ќе се дефинира 10 годишната стратегија за издвојување и инвестиции во здравство и ќе се побара широка собраниска поддршка за неа заради тоа што на здравствениот систем му треба стабилно и повисоко вложување.
„ Човечкиот капитал претставува најголем и најскап ресурс на здравствениот систем, кој е најтешко да се развие, одржи и задржи. Секоја година ќе ги зголемуваме платите на здравствените работници и соработници за 10%, значи вкупно 40% за целокупниот следен мандат. Сите млади лекари кои се на специјализација и се надвор од Скопје ќе добијат 12 000 денари субвенција за решавање на станбеното прашање. Ќе го зголемиме бројот на специјализации преку два механизми. Прво, ќе се зголеми бројот на специјализанти по ментор, а понатаму и со реформа во рамките на Медицинскиот факултет ќе се зголеми бројот и на наставни лица. Младите лекари ќе имаат можност да напредуваат и во науката, многу повеќе отколку што тоа го имаат сега“, истакна Филипче и додаде дека ќе се склучи договор со Универзитетската болница во Франкфурт за размена на кадри.
Пациентот е центарот на здравствениот систем. Ќе се воведе проект „Телемедицина“ каде ќе патува информацијата, а не пациентот, со поврзување на клиничките болници со Универзитетскиот Клинички центар. Со ова, секој пациент ќе добие навремена и брза интеренција.
„ До крајот на мандатот ќе започнеме проект за енергетска ефикасност на сите болници и здравствени домови во нашата земја. Ќе ги реновираме најстарите одделениjа во болниците, нешто што го започнавме и над 20 одделенија се веќе реновирани. Ќе обезбедиме 70 нови возила до крајот на мандатот за итна медицинска помош. Капацитетот на итната медицинска помош во Скопје го зголемивме за 100%. Ќе направиме три пунктови за итна медицинска помош“, информираше Филипче.
На прес-конференцијата, Филипче рече дека ќе се почне со изградбата на нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје.
За реализираните мерки во изминатите три години, претседателот на Комисијата за здравство потсети дека Владата предводена од СДСМ наследи здравствен систем со целосно намалена ефикасност и ефективност – со демотивираност и ниски плати за здравствените работници. Со огромна смртност на родилките и новороденчињата, со недостаток од лекови и медицински потрошен материјал, лекови и инсулини од сомнително потекло и огромни долгови на јавно здравствените иснтитуции.
„ За три години инвестиравме многу. Инвестиравме во платите на здравствените работници. Сега лекар специјалист има помеѓу 85 и 160 илјади денари плата. Се инвестираше во буџетот за ретки болести од 230 на 520 милиони денари, донесовме шест нови лекови за ретки болести, за кои пациентите беа приморани да одат да се лекуваат во странство. Се донесоа оригинални инсулини. Претходдно, пациентите со шеќерна болест примаа инсулини донесени на сомнителен начин од Турција, без никаков сертификат за квалитет, а пациентите немаа ефект од примањето на инсулините.“, рече Филипче.
Филипче ги потенцираше и инвестициите во вакцините и модернизацијата на календарот за имунизација и зголемениот процент на опфат со вакцинација.
„ Имаме две нови вакцини како најсовремените европски земји. Го зголемивме опфатот со вакцинација од под 80%, во Скопје е сега над 99%, а на територијата на целата држава над 95%“ – истакна Филипче и додаде дека сето ова е мотив и уште еден дополнителен стимул да се продолжи понатаму, да се инвестира таму каде што е најпотребно, во системот на јавно здравство. Здравството е еден од столбовите на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

