Македонија
Филипче: Зголемен е бројот на лекови и биолошка терапија за пациентите со малигни заболувања
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска имаше средба со претставници на здружението „Борка – за секој нов ден“, во кое членуваат пациенти со малигни заболувања. На средбата разговараа за досегашните и за идните активности, како и за предизвиците со кои се соочува оваа група пациенти во услови на корона-кризата.
„Овој изминат период од повеќе од две и пол години навистина имавме многу успешна соработка, ги слушнавме барањата на пациентите, предизвиците и проблемите со кои се соочуваат во целокупниот процес на добивање здравствена услуга од оваа сфера. Во таа смисла, со една огромна инвестиција значајно се зголеми бројот на лекови и биолошка терапија, над 30 молекули во последните две години им се достапни на нашите пациенти и нема ниту еден пациент што сега, за разлика од порано, се упатува во странство за да ја прими оваа терапија. Не постои пациентка со карцином на дојката за која нема лекови, што често беше случај претходно, како и огромен број нови лекови за пациентите со карцином на белите дробови, карцином на кожата итн.“, рече Филипче.
Тој посочи дека оваа криза предизвикана од коронавирусот наметна и други предизвици со кои се соочуваат овие пациенти и кои бараат начини за да се решат. Во таа смисла, рече Филипче, почна дисперзија на терапијата во центрите во државата.
„Засега тој систем функционира во Клиничката болница во Битола, почнува во болницата во Штип и треба да се имплементира во Клиничката болница Тетово, а тоа значи дека во овие центри пациентите од овие региони ќе ја добиваат терапијата наместо да патуваат во Скопје. Уште еден проблем што дополнително треба да се реши е добивањето здравствена услуга во делот на контролните прегледи, рентген-прегледи, мамографија, ЕХО, за што разговаравме за начините на кои може тоа да се надмине во најбрз временски рок, а притоа да не биде дополнително загрозено здравјето на овие пациенти имајќи предвид дека тоа се имунокомпромитирани пациенти и не треба да се мешаат со другите пациенти во чекалниците и во амбулантите“, истакна министерот Филипче и додаде дека овој дел дополнително ќе се разработи во следните денови и ќе може да се имплементира.
Претседателката на Здружението „Борка“, Биба Додева, информира дека пандемијата, како и секаде, така и кај нас, особено на пациентите со малигни заболувања им предизвика проблеми.
„Она што го увидовме заедно во текот на овие неколку месеци е дека може да се дисперзира терапијата, особено таблетарната терапија, и дури и супкутаната терапија, и не само во центрите, туку заедно со помош на Клиниката за онкологија и Црвениот крст се дистрибуира таблетарната терапија до секое место во државата. Значи, им се носи лично на пациентите и тоа нѐ научи дека можеме на поинаков начин да функционираме и ќе изнајдеме решение тоа да биде и практика, т.е. таквото децентрализирано добивање на терапијата да стане дел од програмата. Третата работа со која се соочивме, за жал, сè уште не можеме да ја решиме, а веќе станува проблем, е одложувањето на контролните прегледи и следењето на терапијата. Денеска имавме навистина продуктивен состанок за што дојдоа голем број „борки“, заедно дојдовме до едно решение за кое се надевам дека набргу ќе биде спроведено бидејќи овие пациенти не смее да имаат поголем период од 3-4 месеци прекин во контролата“, рече Додева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

