Македонија
(Видео) Филипче: Исполнети се 50 отсто од капацитетот на Клиниката за инфективни болести
Министерот за здравство, Венко Филипче, кажа дека сè уште има слободен капацитет на Клиниката за инфективни болести, имајќи предвид дека исполнетоста е 50 проценти и во тек е надополнувањето со кадри од Клиниката за анестезиологија, медицински сестри од другите клиники, согласно планот за ротација и поддршка на персоналот кој работи на Инфективната клиника.
Според Филипче, на Клиниката во овој момент се лекуваат 54 пациенти од кои четворица пациенти се критични, а 20 пациенти имаат потреба само од кислородна маска, покрај редовната терапија. Останатите пациенти се со лесна клиничка слика, без потреба од поддршка на дишењето во смисла на дополнителен довод со кислород.
Министерот изјави дека веќе е во функција пунктот во поликлиниката „Чаир“, а утре се отвора и пунктот во поликлиниката „Млин Балкан“, со што капацитетот на пунктови во Скопје практично се дуплира, а до крајот на неделата почнуваат со работа и останатите пунктови ширум државата во здравствените домови, што всушност ќе значи трикратно зголемување на пунктовите, согласно големината на градот, кои веќе функционираат во Центрите за јавно здравје.
Во врска со мобилната болница до Инфективната клиника, министерот информираше дека таа е при крај, во тек е поставувањето кревети, завршен е доводот со воздух, греењето и ладењето и во текот на утрешниот ден практично ќе биде во функција, а целосно се очекува да биде готова до крајот на неделата.
Во рамки на прес-конференцијата, министерот за здравство информираше за Институтот за физикална медицина и рехабилитација во Скопје, кој практично престанува со работа и не прима повеќе пациенти. Двајца од овде дијагностицираните се префрлени на Клиниката за инфективни болести, а се чекаат резултатите во текот на денот на 16 пациенти, кои се тестирани, односно е земен материјал во изминатите денови. Министерот Филипче додаде дека сите пациенти на кои им е потребна оваа медицинска дејност, здравствена услуга можат да добијат во амбулантскиот дел во ГОБ „8 Септември“.
„Во однос на Градската општа болница ‘8 Септември’, во текот на утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести, разговаравме за моделот со кој може да се забрзаат резултатите со оглед на тоа што огромен број пациенти доаѓаат и за друга здравствена услуга, како и директно заради сомневање поради воспаление на белите дробови и еден дел од тие мобилни тимови ќе биде посветен токму на земање анализи од болницата ‘8 Септември’. Другиот мобилен тим, кој го најавивме во текот на минатата недела, ќе работи преку системот за закажување и Институтот за јавно здравје, пред сè за повозрасните граѓани, а со цел тие да не излегуваат од дома и брис и материјал да им се земе во домашни услови“ информираше министерот.
Тој кажа дека сè уште не е завршено тестирањето за двајца пациенти, во врска со информацијата за пациентот од Битола и жената од Лабуништа, која е почината вчера. Материјали се земени кај двајцата, непосредно пост мортум. „Веднаш кога ќе бидат готови резултатите ќе и ги соопштиме на јавноста“, истакна министерот.
Во однос на прашањето кое беше поставено во текот на вчерашниот ден за пациентот кој почина на 31-годишна возраст, министерот појасни дека во анамнезата и документацијата на Клиниката за инфективни болести не било наведено дека укажал на претходни заболувања, иако кај специјалистите кај кои претходно правел консултации укажал дека има некои претходни здравствени состојби, но во историјата на Клиниката нема наведено никакво друго заболување.
Вкупниот број тестови направени во нашата земја, од почетокот на пандемијата, досега изнесува 3.518 тестови.
Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 денеска изнесува 329 лица. Девет пациенти починаа, а 12 се излекувани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

