Македонија
Филипче и Министерството за здравство добитници на признанието за хуманост „Св. Мајка Тереза“

Министерот за здравство Венко Филипче и Министерството за здравство добија посланија „Св. Мајка Тереза“ за 2020 година и статуетки за хуманост од граѓанската Асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“.
Вакво признание добија и директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Милена Стевановиќ, директорот на Градската општа болница „8 Септември“ Христијан Костов и директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, Ангелчо Андоновски.
По повод 110 години од раѓањето на Мајка Тереза, граѓанското здружение годинава го посвети настанот на институциите и здравствените работници кои во овие моменти се во првите борбени редови во спасувањето на секој човечки живот и справување со Ковид-19.
„Здравствените работници и соработници покажаа и докажаа како се работи пожртвувано. Докажаа дека во нивните принципи на работа ги имаат вградено постулатите на почитуваната Мајка Тереза. Ви благодарам за почитта. Со истата енергија ќе продолжиме и понатаму да работиме за да обезбедиме најдобар третман за нашите пациенти“, потенцираше Филипче.
Наградата „Послание за хуманост“ и статуетка со ликот на „Св.Мајка Тереза“ е востановена во 1999 година од граѓанското здружение „Скопјанката Мајка Тереза“ од Скопје.
Признанијата се доделуваат во рамки на деновите на Мајка Тереза кои се одбележуваат во чест на нејзиниот роденден, а централната манифестација се одржува на 5 септември, денот на нејзиното упокојување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
УЈП најави засилени контроли на таксистите

Управата за јавни приходи ги информира сите вршители на авто- такси превоз на патници дека во наредниот период ќе се спроведуваат засилени контроли со посебен акцент на издавањето фискални сметки и почитувањето на одредбите од Законот за регистрирање на готовински плаќања.
Контролите ќе се спроведуваат во соработка со други надлежни институции низ целата држава, особено во туристичките региони, каде што во летниот период е зголемена фреквенцијата на патници и активноста на авто-такси превозниците.
„Даночните обврзници кои вршат авто-такси превоз должни се да користат мобилни фискални апарати со интегриран ГПРС уред; да го регистрираат остварениот промет во фискалниот апарат; да издаваат фискална сметка за секоја услуга во готовински промет; да го евидентираат прометот во книгата на дневни финансиски извештаи, за секоја фискална каса поединечно; да го уплатат дневниот промет на трансакциска сметка кај носителот на платен промет најдоцна наредниот работен ден; да имаат јасно и видно истакнато соопштение за задолжително барање на фискална сметка од страна на корисниците на услугата“, соопшти УЈП.
Доколку граѓаните имаат сознанија за неправилности поврзани со авто-такси превозот или неиздавање фискални сметки во која било дејност, може да пријават преку бесплатната телефонска линија: 198 или преку Е-пошта: [email protected].
„Управата за јавни приходи ги разгледува добиените претставки и постапува согласно своите надлежности. Апелираме до сите авто-такси превозници, како и до сите даночни обврзници, да постапуваат согласно законските прописи, со цел зајакнување на даночната усогласеност и подобрување на даночната дисциплина“, велат од УЈП.
Македонија
„Паника во Белата палата: ВМРО-ДПМНЕ со лаги бега од одговор за корупцискиот скандал со гасот“, велат од СДСМ

„Паничната и нервозна реакција на ВМРО-ДПМНЕ е најдобриот доказ дека се фатени живи во обид да протуркаат уште една криминална зделка на штета на граѓаните. Нивното скандалозно соопштение не само што не ги негира фактите, туку претставува класично признание на вина, скриено зад провидни напади и лаги“, соопшти СДСМ.
„Клучното прашање на кое ВМРО-ДПМНЕ не даде одговор е: Дали преговараат зад затворени врати за потпишување меморандум со компанија која е фатена во корупција и поткуп? Молкот за ова прашање е одговор сам по себе.
Наместо да одговорат, тие потврдуваат дека претходната влада предводена од СДСМ го штитела јавниот интерес и не се договорила на штета на граѓаните.
Вистината која ВМРО-ДПМНЕ добро ја знае е следната:
Владата предводена од СДСМ одбиваше да склучува договори на штета на граѓаните. За разлика од криминалните навики на ВМРО-ДПМНЕ, ние започнавме јавен и целосно транспарентен тендер за изградба на дистрибутивната мрежа, почитувајќи ги законите и штитејќи го јавниот интерес.
Процесот беше јавен токму за да се спречи она што ВМРО-ДПМНЕ денес се обидува да го направи – да додели стратешки проект на фирма која веќе е вклучена во корупција во сличен проект, и без конкуренција и надвор од очите на јавноста да потпишува непотребни меморандуми.
Разликата е кристално јасна: СДСМ инсистираше на законска, транспарентна и конкурентна постапка. ВМРО-ДПМНЕ бега од законот како ѓавол од крст и се обидува преку меморандуми да ги реализира своите зделки во четири очи.
Со тоа што не го негираат фактот дека подготвуваат зделка со компанија вмешана во корупција, ВМРО-ДПМНЕ само потврдува дека нивната единствена цел е лично богатење, а не интерес на граѓаните.
Ги повикуваме уште еднаш да излезат пред јавноста и јасно да кажат: Што му ветиле на инвеститорот за да тој вложи 1 милијарда евра и зошто бегаат од јавен тендер? Секој ден молк е ново признание за криминалот што го подготвуваат“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Муртезани на работилницата за скрининг на странски инвестиции: „Ова не е само правна, туку и стратешка реформа“

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, се обрати на отворањето на дводневната работилница на тема „Клучни аспекти во развојот на нов механизам за скрининг на странски директни инвестиции во Северна Македонија“, што се одржува во Скопје на 23 и 24 јули.
Настанот е организиран со поддршка на Министерството за трговија на САД – преку Програмата за развој на трговското право (CLDP), во координација со Стејт департментот, Министерството за финансии на САД и Амбасадата на САД во Скопје, а учествуваат и експерти од Чешка и Романија.
Министерот истакна дека оваа иницијатива не е само правна, туку и стратешка реформа со која ќе се воспостави ефикасен систем што ги заштитува националните интереси и истовремено го зацврстува инвестицискиот потенцијал на земјата.
Работата на механизамот е директно поврзана со процесот на пристапување кон ЕУ, особено во рамките на обврските од Кластерот 6 – Надворешни односи.
„Оваа работилница се случува во вистински момент. Во моментов сме во процес на изготвување на национален механизам за скрининг на странски директни инвестиции, клучен политички и правен потфат за нашата земја. По неодамнешната одлука на Владата за обновување на мандатот, горд сум што го предводам овој процес во својство на министер за европски прашања. Повторно ја активиравме меѓуинституционалната работна група, а неколку од нејзините членови се присутни денес. Во рамките на таа група, помал тим за изготвување веќе започна со активно работење на првичната верзија на законот. Но, ова не е само правен, туку и стратешки процес. Нашата цел е да воспоставиме механизам кој истовремено ќе ги штити националните интереси, ќе биде усогласен со правилата и очекувањата на ЕУ, а притоа ќе осигури дека Северна Македонија останува отворена за стабилни и продуктивни странски инвестиции“, рече Муртезани.
Тој, исто така, кажа дека земјата е подготвена да ја продлабочи соработката со Стејт департментот на САД и да го зајакне партнерството со Амбасадата на САД во Скопје.
„Без разлика дали станува збор за техничка поддршка, размена на политики или институционален дијалог – отворени сме и посветени на значајна и конструктивна соработка“, рече Муртезани.