Македонија
Филипче: Хронично болните вакцинирани пред шест месеци може да се пријават за трета доза
Лица со транспланитирани органи и лицата кои се на дијализа кај кои поминале шест месеци од втората вакцина веќе може да се пријават за трета, бустер-доза за заштита од Ковид-19.
Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека, засега, само компанијата „Фајзер“ има анализи врз основа на кои е веќе препорачана трета доза кај лица со хронични болести.
Сè уште нема официјална препорака за трета доза кај сите останати, но голема е веројатноста наскоро да биде препорачана.
„Препораката е дека треба да поминат шест месеци од втората вакцина за да почне вакцинацијата со трета односно бустер-доза. Најнапред во тие анализи и студии е компанијата ‘Фајзер’ со којашто имавме состанок и ни укажаа на тоа дека голема е веројатноста дека ќе препорачаат трета, бустер-доза за сите граѓани по шест месеци од примената ревакцина. Официјалните препораки сè уште ги очекуваме, а нашиот Комитет за имунизација ги чека токму официјалните за ние тој дел, исто така, да го препорачаме. Веќе официјално е препорачана трета доза за имунокомпромитирани пациенти, оние кои се на хронична дијализа и транспланитраните, но треба да помине период од шест месеци, луѓето може да се пријават“, рече министерот Филипче.
Тој нагласи дека според податоците со кои располагаат досега, трета доза „Фајзер“ може да се прими без разлика од која компанија се првите две примени вакцини.
„Единствена што сега укажува на тоа дека е потребна бустер-доза и не се прави разлика која е првата вакцина е компанијата ‘Фајзер’, што значи дека таа вакцина може да се користи како бустер-доза без разлика на тоа кои се првите две примени вакцини. Само овие податоци од ‘Фајзер’ се тие кои ги има стручната јавност, ги следиме овие препораки“, рече министерот Филипче.
Од оваа недела здравствените власти ставаат акцент на вакцинација на лицата над 18 години оти, како што рече Филипче, тие се помалку заштитени, мал е бројот на вакцинирани, а важат за медијатори, можат да го шират вирусот во семејствата.
Тој им препорача на родителите да не стравуваат за безбедноста на вакцината на „Фајзер“ со која се вакцинираат младите кај нас оти е докажано безбедна и ефикасна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

