Македонија
Филипче: Наградата за здравствените работници е инвестиција во иднината на државата
Вработените во здравствените установи, кои беа вклучени и сè уште се вклучени во работа со пациентите заболени од коронавирусот – доктори, медицински сестри, но и нездравствени работници, односно болничари, транспортери, возачите во Службата за итна медицинска помош, ќе добијат награда од 20 отсто од основната плата за два месеца. Начинот на исплата ќе биде со платежната картичка, која се чека да биде подготвена од страна на Министерството за финансии.
„Оваа награда е само дополнување на она на што веќе го работиме подолг период во Министерството за здравство – вложуваме во човечкиот капитал, во јавното здравје, зашто знаеме дека само квалификуван и мотивиран медицински кадар е еден од основните предуслови за квалитетно здравство. Почнувајќи од 2018 година, постојано вложуваме во вработените во јавното здравство и во споредба со декември 2017 година, сега, за илустрација, само основната бруто-плата на лекарот специјалист е зголемена повеќе од 50 отсто, на медицинските сестри 33 отсто, на општите лекари 29 отсто, а на здравствените соработници 15 отсто не сметајќи ги наградите“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Првото покачување на платите во јавното здравство беше во септември 2018 година, на 19.123 вработени во јавните здравствени установи им се зголеми 5 отсто основицата за плата; во јануари 2019 година следуваше дополнително зголемување на платите на здравствените работници – доктори, медицински сестри, болничари, техничари, 5 отсто за медицинските сестри, 8 отсто на медицинските сестри на клиниките и 10 отсто за докторите специјалисти; и во септември 2019 година 5 отсто ѝ беше зголемена платата на администрацијата во здравството. Со зголемувањето на платите за февруари 2020 година на лекарите специјалисти од 25 отсто и на медицинските сестри 10 отсто се заокружува циклусот на покачувања на плати во здравството.
„Иако ова е едно од најголемите покачувања на надоместоците во здравството, со кои ги зајакнуваме професионалните капацитети на здравствените работници, тоа не го сфаќаме како трошок, туку како инвестиција во јавното здравство, но и во иднината на државата, со оглед на тоа што имаме значителни подобрувања во сите сегменти на здравството, што директно ќе влијае врз одлуката на здравствените работници својата кариера да ја градат во нашето јавно здравство. Во мигови на здравствена криза, како оваа што ја живееме денес, тоа се покажува како добра стратегија и инвестиција“, додаде Филипче.
Министерот потсетува и дека во периодот откако тој е на чело на Министерството за здравство, дадени се повеќе од 5.000 согласности за вработувања во јавните здравствени установи во земјата, а 15 отсто им е зголемен капитацискиот бод на матичните лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија и одобрени се повеќе од 1.000 специјализации и супспецијализации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

