Македонија
Филипче: Наследството на Глигоров е патоказ за напредок
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска, во основното училиште „Киро Глигоров“, во општина Центар, присуствуваше на свеченоста по повод откривање биста на првиот претседател на самостојна Македонија, патрон на училиштето. Говорејќи за ликот и делото на претседателот Глигоров, Филипче истакна дека тој оставил силен печат врз историјата на нашата татковина со правецот по кој ја движел земјата.
„Тој беше лидер што ги постави основите на современата македонска држава, воден од принципите на демократија, мир и соработка. Глигоров е симбол за мудрост и визионерство, затоа и не случајно многумина го нарекуваа таткото на нацијата. Во најтешките моменти, кога државата се соочуваше со предизвици во процесот на независност, донесе мудри политички одлуки. Глигоров го постигна она што ниту една република од поранешна СФРЈ не успеа да го направи – Македонија по мирен пат стана независна, суверена и демократска држава.
Тој веруваше во силата на дијалогот и помирувањето, нешто што е особено важно и денес кога треба да продолжиме работиме на заедничката иднина на државата. Благодарение на Глигоров, Македонија стана дел од најголемото меѓународно семејство на народи – Организацијата на обединетите нации“, изјави претседателот на СДСМ, Филипче.
Вредностите и државнички одлуки на Глигоров оставија траен белег во нашето општество и се патоказ за идните политики за напредок и просперитет на државата, истакна Филипче.
„Ние како генерација сме обврзани да ја продолжиме неговата визија за напредна и демократска Македонија, да ги надминеме сегашните предизвици и да изградиме подобра иднина за сите наши граѓани. Со оваа биста, која денеска се постави во истоименото основно училиште, не само што оддаваме почит, туку и ја чуваме визијата на Глигоров жива во нашето секојдневие инспирирајќи ја младината да се бори за заедништво, стабилност и просперитет“, зјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Свечено менување на државното знаме: децата прашуваа за работата на првата жена-претседателка
Во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се одржа церемонија на свечено менување на државното знаме на којашто присуствуваа деца од градинките „Весели цветови“ и „Срничка“ од Скопје, ученици од скопските основни училишта „Кузман Шапкарев“ и „Кузман Јосифовски Питу“ и деца и претставници на Здружението за образование и истражување „Несил“.
По завршувањето на свечениот чин, околу 230 деца во придружба на двасетина наставници и претставници, ги разгледаа просториите на Кабинетот. Младите посетители покажаа интерес за работата на претседателката. Ја прашаа: Какво е чувството да се биде првата жена – претседателка на државава? Дали е потешко да се биде претседателка или професорка? Како тече еден нејзин работен ден? Љубопитните гости пројавија желба да ги дознаат нејзините лични афинитети, како и интересните спомени од младоста.



Сиљановска-Давкова им предочи дека вршењето на политичката функција бара знаење, посветеност и култура на дијалог. Ги советуваше да учат, да размислуваат критички и да другаруваат.
Децата ѝ подарија цвеќе, албум на цртежи и благодарница на турски јазик.
Церемонијата на свечено менување на знамето се одржува секој втор петок во месецот, со учество на Баталјонот за почести при македонската армија и ја симболизира почитта кон знамето и државата.
Македонија
Советот го поддржа предлогот на градоначалникот Лукровски за покривање на трошоците за комунални услуги на основните училишта во Општина Карпош
Советот на Општина Карпош одржа вонредна седница на која се разгледуваа четири точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Во таа насока, советниците го поддржаа Планот на Програми за развој на локалната самоуправа за 2026 година. Имено, согласно потребите од областа на комуналните работи и уредување на просторот, ќе бидат преземени одредени активности за подобрување на инфраструктурните капацитети во општина Карпош.
Станува збор за капитални инвестиции во инфраструктурни објекти какви што се реконструкција на повеќе улици, спортски сали во рамки на основните училишта „Братство“ и „Димо Хаџи Димов“, интервенции во фекални и атмосферски канализации, како и изградба на детската градинка „Пролет“ во населбата Козле и „Мајски цвет“ во населбата Тафталиџе.
Потребниот консензус беше постигнат и за Предлог – Одлуката за изменување и дополнување на Општинскиот Буџет, односно ребалансот за 2025 година. Според образложението, потребата за донесување на оваа Одлука произлезе од доделувањето на средства поради зголемен износ на данок на додадена вредност (кој го исплаќа Министерството за финансии) за износ од 2.130.000 денари, како и промени на средствата во приходните и расходните ставки во колоните во косолидираниот Буџет на општината. Поточно, во консолидираниот Општински Буџет за 2025 година има промени во приходниот дел, каде што претходниот износ од 1.853.654.953 денари се зголемува на износ од 1.857.766.953 денари. Во колоната – Буџет на Општина Карпош за 2025 година има промени во приходниот дел, каде што претходниот износ од 1.059.141.953 денари се зголемува на износ од 1.061.771.953 денари. Во рамки на дебатата која се разви по оваа точка, градоначалникот Сотир Лукровски излезе пред советниците со конкретен Предлог – амандман, со кој ќе бидат пренаменети неискористените општински средства за патување во странство и расходи за репрезентација. По предлог на првиот човек на Општината, овие парични средства ќе бидат пренасочени за покривање на трошоци за комунални услуги на основните училишта од Општина Карпош. Во таа насока, мнозинството советници го поддржа предлогот на градоначалникот Лукровски, кој ќе биде составен дел од Предлог – Одлуката за изменување и дополнување на Општинскиот Буџет.
Советниците дадоа „зелено светло“ и за изменување и дополнување на на Програмата за активностите во областа на спортот за 2025 година. Станува збор за измена во проектните активности за Училишните спортски лиги на Карпош за 2025 година, за стипендии за талентираните основци – спортисти од Карпош, како и за еднократна поддршка за спорт и рекреација. За Училишните спортски лиги се менува досегашната финансиска рамка од 2.050.000 на 2.624.000 денари. Фондот за стипендии за талентирани
ученици – спортисти од VIII и IX одделение од 1.100.000 денари се менува на 1.000.000 денари. Во делот за еднократна финансиска поддршка за спорт и рекреација, износот од 1.000.000 денари се менува на 765.000 денари, од каде останатите 235.000 денари се префрлаат во фондот за Училишни спортски лиги на Општина Карпош за 2025 година.
Соодветна корекција претрпе и Програмата во областа на детската, социјалната и здравствената заштита за 2025 година. Имено, советниците ја поддржаа измената во третата точка од оваа Програма, која се однесува на парична помош за лицата односно семејствата кои се наоѓаат во социјален ризик, или пак им се потребни финансиски средства за лекување. За таа намена се зголемува досегашниот износ од 7.000.000 денари на 9.000.000 денари.
Македонија
Град Скопје го усвои ребалансот на Буџетот: предвидена набавка на 80 нови автобуси, реконструкција на улици, паркови
На денешната седница на Советот на Град Скопје беше усвоен ребалансот на Буџетот со еден глас против и еден воздржан. Со ребалансот се обезбедуваат средства за стабилизација на градските финансии, унапредување на инфраструктурата, подобрување на јавниот превоз, инвестирање во образованието и развој на нови зелени површини.
37 советници гласаа ЗА, еден воздржан и еден против.
Градоначалникот истакна дека ребалансот претставува прв значаен чекор кон финансиска консолидација на градот. Со него буџетскиот дефицит се намалува за 928,5 милиони денари, а капиталните инвестиции се зголемуваат за речиси 98,9 милиони денари. Ребалансот ќе овозможи редовна исплата на платите во јавните претпријатија и намалување на непродуктивните трошоци, со цел средствата да бидат насочени кон проекти од директен интерес за граѓаните.

Во делот на јавниот превоз се предвидува враќање на приватните превозници во системот, продолжување на соработката со Министерството за транспорт за повторно активирање на Градскиот воз, како и набавка на 80 нови автобуси што веќе ја спроведува Владата. Започнува и процесот на разгледување на БРТ-системот како современо решение за подигнување на квалитетот на јавниот транспорт.
Во образованието, до крајот на годината, сите училишта ќе добијат нови спортски терени, фитнес-зони, смарт табли, информатички кабинети и лаптоп за секој првенец на генерација, а ќе биде решен и хроничниот недостаток на училишни клупи и столчиња.
Со ребалансот започнува реализацијата на повеќе зелени проекти, меѓу кои парк „Христијан Тодоровски – Карпош“, парк „Лепенец“ и дополнителни 50 мали паркови низ различни делови од градот.
Во делот на инфраструктурата ќе се продолжи со реконструкцијата на улицата „Фрањо Клуз“, изградбата на кружниот тек во Ѓорче Петров, третата лента на булевар „Александар Македонски“, првата фаза на булевар „Хрватска“, булевар „АСНОМ“ и клучката кај „Момин Поток“. Обезбедени се средства и за подготовка на проектна документација за улиците „Шарпланинска“, „Бутелска“, „Радишанска“, за кружниот тек кај „Тобако 2“ и други локации. Предвидени се и средства за експропријација, со што се отвора можност за реализација на големите булеварски решенија, вклучително и продолжувањето на булевар „Борис Трајковски“.
Градоначалникот порача дека со усвојувањето на ребалансот завршува периодот на застој и започнува нова фаза на стабилизација и развој на Град Скопје, со јасна намера градот да се врати на вистинскиот развоен пат.

