Македонија
Филипче: Нема докази дека топлото време ја намалува активноста на вирусот, можни се рестрикции и налето
Нема доказ дека летните месеци помагаат во намалување на пренесувањето на коронавирусот и можно е и во летниот период да има потреба од некакви рестрикции, најави денес министерот за здравство, Венко Филипче.
Комисијата за здравство ги подготвува протоколите кои ќе треба да ги почитуваат сите компании и институции откако ќе се намалат рестриктивните мерки, а истовремено се подготвува за нов пик на вирусот наесен.
Филипче вели дека вториот пик ќе го дочекаме подготвени поради досегашното искуство со коронавирусот.
„Во меѓувреме будно ќе следиме дали при олабавување на мерките можеби ќе има некакво зголемување на бројот на пациенти. Тоа ќе значи дека дури и во летните месеци некаква рестрикција ќе треба да се воведе, засега не знаеме, останува само да ги следиме бројките, да направиме анализи и да видиме дали некои други фактори влијаат на ширење на вирусот“, рече министерот.
Во следниот период извесно е и отворањето на границите, а попладнево Филипче рече дека премиерот на Грција ќе соопшти како ќе работат нивните хотелски капацитети.
Се чекаат и насоки од Светската здравствена организација за начинот на кој ќе се патува летово.
„Ќе се отворат граници, ќе има патувања, меѓутоа прилично сум сигурен дека СЗО ќе има некакви мерки. Јас мислам дека ниту патувањето ќе биде исто, ниту густина по превозните средства ќе биде иста“, рече Филипче.
Тој потсети дека Македонија е дел од вкупно 60 земји во светот кои вовеле рестриктивни мерки поради коронавирусот и успеале да го држат под контрола бројот на пациенти.
Со носењето маски и со соодветна организација министерот смета дека потенцијалниот следен пик ќе биде поблаг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Во Ресенско поплавени над 50 куќи, магацински простори и земјоделско земјиште, состојбата се следи во сите засегнати региони, соопшти ЦУК
Поради обилните врнежи, на подрачјето на Општина Ресен дошло до излевање на Болнска и Источка река во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Поплави се евидентирани и кај с. Долна Бела Црква од излевањето на Голема Река, чиј моментален водостој изнесува 210 см.
Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, „Македонија пат“, ЈКП „Пролетер“, како и приватни машини – вкупно 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти.
ЈП “Македонија пат“ информира дека на повеќе делници има наноси од земја, кои се расчистуваат по приоритет“.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, нагласуваат од ЦУК, е во постојана координација со градоначалниците на засегнатите општини.
„Поради обилните врнежи во повеќе региони низ државата се зголемени водостоите на реките, а има и поплавени терени, подруми и земјоделски површини. На терен се ангажирани екипи на јавните претпријатија, механизација и приватни компании за испумпување вода, расчистување и интервенции.
Состојбата, според ЦУК се следи во сите засегнати региони: Ресен, Битола, Демир Хисар, Охрид, Крива Паланка и околината.
„Дежурни екипи остануваат на терен и во текот на ноќта, а Центарот за управување со кризи будно ја следи состојбата и за понатамошни интервенции“.
Фото: принтскрин
Македонија
Фетаи на свечена академија по повод Денот на азбуката на албанскиот јазик, во чест на Конгресот на Битола и албанското културно наследство
Заменик претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи присуствуваше на свечената академија организирана од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје и Владата на Република Северна Македонија, по повод Денот на азбуката на албанскиот јазик.
За време на својот говор, го нагласи историското значење на Конгресот на Битола во 1908 година и неговата одлучувачка улога во унифицирањето на албанската азбука, како една од главните столбови на албанскиот национален идентитет. Тој го подвлече придонесот на преродбениците и истакнатата личност на Мид’хат Фрашери, како и значењето на печатницата „Башкими и Комбит“ во развојот на албанските изданија.
Фетаи ја пофали и посветеноста на колекционерот и истражувачот Нико Котерија и на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје, кои ја отворија изложбата „Конгресот и Печатницата“ како омаж на албанското културно наследство.
На крајот, тој ја потврди посветеноста на Владата за заштита, негување и промоција на албанскиот јазик, култура и идентитет, сметајќи ја оваа задача за национална и граѓанска одговорност.
Македонија
Партијата што го уништи владеењето на правото, денес држи предавања за ЕУ, велат од „Вреди“ за ДУИ
Според „Вреди“, денешната изјава на Арбeр Адеми за „неуспехот во владеењето на правото“ јасно ја покажува исклученоста на ДУИ од реалноста.
Неверојатно е да се слушне, додаваат од „Вреди“, партија, чие половина раководство е на црната листа за корупција, да зборува за европски стандарди кога ДУИ, како што велат е главната причина зошто со години земјата не напредувала ниту еден чекор во основните обврски од Кластерот I.
„ДУИ, која 20 години го претвори заробувањето на државата во уметничка форма, денес се преправа дека е моралист и тврди дека го брани владеењето на правото. Но, граѓаните ги знаат фактите:
Судството беше претворено во подружница на ДУИ.
Одлуките не беа донесени во судовите, туку во партиските ходници,
Промените во Кривичниот законик беа донесени за амнестија на корумпираните,
А денес зборуваат за владеењето на правото?
Владеењето на правото е токму областа каде што ДУИ остави најдлабоки траги, а тоа не го кажува политиката, туку самата Европска Унија“.
Според „Вреди“, извештајот на Прибе ја опиша владата на Груевски-Ахмети како класичен пример за заробување на државата: со измислени политички случаи, системска неправда и како резултат на тоа илјадници Албанци протерани од земјата.
„Вреди“ додаваат од оваа партија е за финансирање и вистинска независност на судството, но и за силни механизми за одговорност, така што правдата ќе им служи на граѓаните и на никој друг.

