Македонија
Филипче: Нема докази дека топлото време ја намалува активноста на вирусот, можни се рестрикции и налето
Нема доказ дека летните месеци помагаат во намалување на пренесувањето на коронавирусот и можно е и во летниот период да има потреба од некакви рестрикции, најави денес министерот за здравство, Венко Филипче.
Комисијата за здравство ги подготвува протоколите кои ќе треба да ги почитуваат сите компании и институции откако ќе се намалат рестриктивните мерки, а истовремено се подготвува за нов пик на вирусот наесен.
Филипче вели дека вториот пик ќе го дочекаме подготвени поради досегашното искуство со коронавирусот.
„Во меѓувреме будно ќе следиме дали при олабавување на мерките можеби ќе има некакво зголемување на бројот на пациенти. Тоа ќе значи дека дури и во летните месеци некаква рестрикција ќе треба да се воведе, засега не знаеме, останува само да ги следиме бројките, да направиме анализи и да видиме дали некои други фактори влијаат на ширење на вирусот“, рече министерот.
Во следниот период извесно е и отворањето на границите, а попладнево Филипче рече дека премиерот на Грција ќе соопшти како ќе работат нивните хотелски капацитети.
Се чекаат и насоки од Светската здравствена организација за начинот на кој ќе се патува летово.
„Ќе се отворат граници, ќе има патувања, меѓутоа прилично сум сигурен дека СЗО ќе има некакви мерки. Јас мислам дека ниту патувањето ќе биде исто, ниту густина по превозните средства ќе биде иста“, рече Филипче.
Тој потсети дека Македонија е дел од вкупно 60 земји во светот кои вовеле рестриктивни мерки поради коронавирусот и успеале да го држат под контрола бројот на пациенти.
Со носењето маски и со соодветна организација министерот смета дека потенцијалниот следен пик ќе биде поблаг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.