Македонија
Филипче од Велес: СДСМ имаше пет иницијативи за раст на платите, ВМРО-ДПМНЕ ги одби сите
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ што се одржа во Велес, истакна дека за година и пол Владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа тотална незаинтересираност за граѓаните, за мерки за подобрување на животниот стандард.
„Помина година и пол од оваа власт. Период во кој имавме сите доволно време да видиме со кој си имаме работа и кои политики ги носи оваа власт. Доволно време да сфатиме дека имаме ненародна, арогантна, но пред сè власт без чувство за потребите на луѓето. Ова е реалноста,“ порача Филипче.
На граѓанската трибина Филипче кажа дека СДСМ и како опозиција, исто како и додека беше на власт ги има истите политики кон граѓаните – поддршка за граѓаните, покачени плати и реална политика за подобрување на стандардот и имаше реално добри закони со кои се олеснуваше секојдневнието.
„СДСМ цела година нуди решение – минимална плата од 500 евра! Не популистички, туку со јасна методологија, со модел што веќе докажа дека функционира, ние покажавме дека државата може да расте и кога има кризи, ако има грижа за граѓанинот,“ истакна Филипче од Велес, и додаде дека земјите од регионот како Албанија веќе ја покачува минималната плата на 520 евра, во Србија минималната плата расте секоја година.
Во обраќањето, Филипче ја обвини Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека ги одби сите предлози на СДСМ што се во интерес на работниците.
„Имаше реални добри закони со кои се олеснуваше секојдневнието. Имаше пет иницијативи за покачување на платите, како минималната така и просечната во приватниот сектор. Што направи Владата на ВМРО-ДПМНЕ? Ги одби сите иницијативи. Предложивме мерка и за компаниите да ги субвенционираат придонесите за да не биде терет на компаниите, а сепак да има раст на платите. И тоа го одбија “, нагласи Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костовски: Левица гласаше против поликлиника, водовод, мостови, финансиска помош за новороденчиња
Левица Бутел тргна цврсто по стапките на ДУИ во општина Бутел, отворено гласаше против се што ќе набројам, пишува градоначалникот Дарко Костовски на социјалните мрежи.
„На седница за буџет, советникот на Левица Бутел гласаше против:
-Нова поликлиника
-Доизградба на водоводот за Љубанци и Љуботен
-Традиционален турнир во Баскет во Радишани
-Традиционален турнир во фудбал за загинати бранители во Љубанци
-Нов мото собир во Бутел
-Детска градинка во населеното место Бутел 2
-Нова фасада на ООУ СВ Климент
-Изградба на пливачки затворен базен во ООУ “Ацо Шопов”
-Нови мостови на река Серава во Радишани
-Уредување и чистење на речното корито на Река Серава
-Финансиска помош за новороденчиња
-Реконструкција на клучните сообраќајници во општина Бутел
-Реконструкција и ревитализација на голем број на помали сервисни улици
-Изградба на нова и реконструкција на постоечката атмосферска и фекална канализација
-Изградба на нови спортско рекреативни центри
-Радишани
-Бутел 1, два спортски центри
-Нови детски игралишта
-Нови спортски игралишта
-Нов пешачки и пристапни патеки
-Поддршка на спортски клубови
-Спортски стипендии
-Парична помош за пензионерите
-Зголемен број на финансиски средства за помош на социјално загрозени семејства
-Финансии за културни и спортски настани
Добро е и тие малку граѓани што гласаа за Левица во Бутел да видат за што гласале, тој глас полека директно се претвара во глас за ДУИ. Одговорно тврдам.
Се надевам ова ќе ми биде последниот статус кога ќе направам равенство помеѓу Левица и ДУИ. Дека последен пат ќе се сомневам дека соработуваат. ДУИ ги интересира само згради во Бутел и тоа веќе на сите е јасно, Левица нема “причина” да биде неразумна !
Давам можност и време да се вразумат. Искрено го правам тоа.
Бутел ќе се развива се повеќе, и ќе се чува се повеќе, нема да дозволам бандити пак да ја водат општината. Затоа што народот јасно покажа каде да се движиме“, додава Костовски.
Македонија
Ведро, но студено утро време, сончев ден со северен ветер
Времето утре наутро ќе биде ведро и многу студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.
Во Скопје, сончево со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 6 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови времето ќе биде стабилно и студено со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни и наместа ќе се спуштат до -10 степени. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Македонија
Утре прекин на водоснабдувањето во Маџир Маало
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре (29 декември 2025 година, понеделник) поради изведување на водоводен приклучок Ф200 мм на улица Титовелешка б.б., ќе има прекин во водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците од населбата Маџир Маало, на подрачјето на Општина Центар.
Прекинот ќе започне од 10:30 часот и ќе трае до завршување на работните активности, соопштуваат од јавното претпријатие.
Фото: pexels

