Македонија
Филипче: Од утре или од вторник казни за тие што нема да носат маска
Поради се почестите слики од граѓани кои не носат заштитна маска Министерството за здравство доставило предлог до Владата казнувањето да почне од утре или најдоцна од вторник. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека забележале различни начини на непочитување на мерката за носење заштитна опрема.
„Некои носат маска под брадата или во рака. Министерството за здравство поради ова достави предлог санкционирањето за неносење да почне утре или во вторник. Оваа мерка мора да се почитува. Заштитната опрема треба да се носи во затворени простории и на отворено доколку не може да се одржи безбедната дистанца од два метри“, рече министерот Филипче.
Тој очекува оваа мерка доколку се почитува, да даде ист резултат како и останатите мерки и да се спречи раст на заболени кој од почетокот на кризата се држи под контрола.
Уредбата за задолжително носење заштитни маски Владата ја донесе на 22 април, а таа стапи на сила следниот ден, на 23 април со најава дека до 30 април оние кои нема да носат маска ќе бидат само опоменати. Казнувањето требаше да почне од 1 мај, но поради очигледното непочитување на мерката министерот Филипче извести дека побарал казнувањето да почне четири дена порано.
Казната за неносење маска изнесува 20 евра, а сите фирми се задолжени да обезбедат заштитна опрема за вработените и за гостите. Казната за фирмите што нема да обезбедат заштита е 2.000 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.
Македонија
Мицкоски на проштална средба со Агелер: благодарност за ангажманот и поддршката
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
„Денеска се одржа проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Анџела Агелер.
На средбата беше изразена благодарност за нејзиниот ангажман, поддршката и придонесот во унапредувањето на односите меѓу двете држави“, објави на социјалните мрежи Мицкоски.
Информира дека во пријатна и конструктивна атмосфера биле разменети мислења за досегашната соработка, како и за значењето на партнерството и заедничките вредности.
„Упатени беа искрени желби за успех во нејзините понатамошни професионални ангажмани“.

