Македонија
Филипче: Охридската болница е позната по својата експертиза
Министерот за здравство, Венко Филипче, ја посети Општата болница во Охрид, каде што оствари средба со директорот и вработените во оваа јавно-здравствена установа. Тој ја истакна експертизата и искуството на медицинскиот персонал во многу области и нивниот успех во третманот на огромен број пациенти во сите изминати години.
„Болницата во Охрид е еден од регионалните центри. Уште на самиот почеток се одвои еден дел од болницата, но и експерти, специјалисти, инфектолози кои ќе работат со ковид-пациенти. Имаме секојдневна комуникација во однос на трансферот и префрлувањето на пациентите по потреба од една во друга болничка установа, како и трансфер на пациенти во клиниките во Скопје, се разбира за оние потешки случаи. Сакам да им изразам голема благодарност и да упатам честитки пред сé затоа што многу брзо се престроија за време на почетокот на оваа криза, нешто за што ниту еден здравствен систем во светот не очекувал, не бил подготвен дека ќе се случи. Ние покажавме дека можеме за многу кратко време со таква прераспределба на кадар и подготовка на капацитетите на болницата да одговориме на овие предизвици“, изјави Филипче.
Министерот потенцираше дека во изминатите две години кадарот во болницата е зајакнат со нови вработувања, примени се над 70 здравствени работници, од кои 17 лекари се веќе пратени на специјализација.
„Ние интензивно работевме изминатите две години, многу луѓе се примија во болницата во Охрид. Над 70 здравствени работници, од кои 17 лекари кои се веќе пратени на специјализација. Со тоа покажавме дека водиме сметка за јавното здравство, пред сè за еден од најзначајни сегменти во јавното здравство, а тоа се луѓето, докторите, медицинските сестри и останатиот помошен медицински персонал. Тие се столбот на здравствениот систем, а здравствениот систем, како и досега, но сега е уште повеќе видливо е столбот на државата“, изјави министерот Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вечерва почнува зимска бајка на Плоштад Македонија: Елката ќе светне во 18 часот, Дедо Мраз ќе стигне на 27 декември
Елката на Плоштад Македонија вечерва во 18 часот ќе биде осветлена со свечена церемонија, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. До 31 декември секоја вечер со почеток во 18 часот ќе има празнична програма, а за дочекот, на барање на градоначалникот ќе пеат македонски музички ѕвезди.
„За првпат по неколку години стагнација во главниот град свечено ја почнуваме новогодишната приказна со церемонија за осветлување на градот поставувајќи темели на новата празнична традиција по примерот на најразвиените европски метрополи. Денес во 18 часот, во срцето на градот, на Плоштадот Македонија свечено ќе биде осветлена новогодишната елка и официјално ќе биде отворен новогодишниот маркет со што симболично го обележуваме почетокот на празничните случувања во нашиот главен град“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски кој смета дека со оваа церемонија Скопје прави значаен чекор напред кон визијата да се развива рамо до рамо со современите европски градови.
Во периодот од 15 до 31 декември секојдневно од 18 часот ќе има празнична програма со музички настапи, диџеј сетови уметнички изведби и бројни изненадувања.
Секој викенд од 12 до 14 часот содржините се целосно посветени на најмладите со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и празнични изненадувања.
„Ова е почеток на нешто ново, магично и возбудливо за нашиот град. Првпат во историјата Скопје ќе ја дочека новата 2026 година со вистинска новогодишна зимска бајка. Настан кој ги обединува сите генерации од најмладите до највозрасните заедно се семејствата, пријателите, сограѓаните. Скопје конечно ќе покаже дека може да биде весел, модерен и динамичен град, град кој наликува на светска метропола во срцето на Балканот“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Централниот дел од новогодишната програма започнува на 27 период во кој градоначалникот Ѓорѓиевски смета дека Скопје ќе живее во полн празничен ритам. Напладне на Плоштад Македонија ќе дојде дедо Мраз со подароци и изненадувања за сите присутни.
Посебна можност во празничните денови Град Скопје ќе им даде на талентираните средношколци.
„Публиката ќе има можност да ги слушне најталентираните скопски средношколци кои ќе настапат со свои музички изведби и свои бендови. Во програмата се вклучени сите средни училишта на градот Скопје како дел од заложбата за поттикнување на младинската креативност и активно учество во културниот живот на нашиот град. Ги поканувам сите граѓани, сите семејства и посетители заедно да ја започнеме новата традиција и да бидат сите дел од новогодишната магија создавајќи Скопје исполнето со светлина, радост и позитивна енергија“, повика градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека имал само една желба околу дочекот, забавата да ја направам домашни музички ѕвезди, па за дочекот се најавени Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огњан Здравковски, Куку Леле, Лара, Пајак, Два Бона и Тина Перовска.
Зимската бајка Град Скопје ја организира со финансиска поддршка од Државната лотарија на Македонија.
Македонија
Минчев: Зајакнувањето на институционалните и финансиските капацитети од клучно значење за ефикасно функционирање на јавната администрација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, присуствуваше на настанот „Зајакнување на институционалните капацитети: одбележување на соработката помеѓу САД и Северна Македонија“, кој беше во организација на Министерството за финансии.
На настанот се обратија министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, заменик-претседателот на Владата на РСМ за политички систем Љупчо Димовски и амбасадорката на САД, Ангела Агелер, кои ја нагласија важноста на партнерството помеѓу САД и Македонија.
Минчев ја поздрави соработката, посочувајќи дека зајакнувањето на институционалните и финансиските капацитети е од клучно значење за ефикасно функционирање на јавната администрација, транспарентно управување со јавните финансии и подобра испорака на услуги кон граѓаните.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Дали е точно дека никој не се нафаќа да биде дел од органите на Филипче, тој со Заев ја држат партијата во заложништво
Според ВМРО-ДПМНЕ, единствениот формален функционер во СДС, Венко Филипче, овие денови се соочува со бран незадоволство и непоборлив факт што никој не сака да биде дел од високите органи на партијата.
„Се повеќе луѓе се противат на идејата партијата да биде маша на бизнис крими интересите на Зоран Заев со единствен извршител Венко Филипче.
Партијата е поделена на кланови, на поединци и групи каде што најлојален за пари до Венко е Никола Спасов.
Токму затоа Никола Спасов спроведува сценарио на дефокусирање од вистината и напад со лаги и дезинформации за наводни мигранти и наводно сторен криминал во случајот Томовски. Ниското политичко ниво и изразената некултура во соопштенијата и пресовите на СДС треба да го одвлече вниманието од фактот што денес СДС е во заложништво на бизнис интересите на струмичката фамилија Заеви“.
Венко Филипче, додаваат од партијата на власт, не може да состави основна екипа со која ќе ја владее СДС, партија со само 130 илјади гласови, а камо ли утре да пледира да владее со цела држава.
„Овие денови гледаме како СДС само тоне и станува жртва на сопствената пропаганда. Венко го доуништува и она малку што остана од некогаш големата СДС“.

