Македонија
Филипче: Продолжувам да работам во интерес на пациентите и здравствените работници
Досегашниот министер за здравство, Венко Филипче, го сумира своето работење во изминатите четири години.
„Ми беше чест и задоволство во изминатите 4 години да ви служам. Заедно поминавме многу во историски најтешкиот период за македонското здравство. Поддршката што ја добивавме јас и моите колеги ни даваше сила да продолжиме напред и да ја водиме битка со пандемијата. Одново да се бориме за секој живот и да се грижиме за здравјето на секој пациент. Но, и покрај сите предизивици со глобалната ковид-криза, успеавме да направиме темелни промени во здравството и да реализираме инвестиции со навистина се гордеам. Ги вративме достоинството и мотивацијата на здравствените работници со покачување на платите како никогаш порано. Тие сега земаат повисоки плати од 25 до 40 %, а специјализантите првпат се платени додека специјализираат. Верувам дека новата Влада ќе продолжи да ги покачува платите бидејќи здравствените работници тоа го заслужуваат. Се грижевме за сите пациенти еднакво, како и за оние што порано беа игнорирани и заборавани. Обезбедивме лекови за пациентите со ретки болести. Нема ниеден пациент без достапен лек затоа што секој човек е важен, а воспоставивме и регистар за ретки болести. Нашата земја, конечно, нема лекови од паралелен увоз, ги укинавме и квотите и сега сите лекови се квалитетни и достапни во секое време. Дијабетичарите имаат, конечно, достапен врвен инсулин, а за децата со дијабетес обезбедивме средства за набавка на безболни апарати за мерење гликемија. И покрај економската криза, инвестициите во здравството не запреа. За четири години, реновиравме и изградивме здравствени капацитети повеќе од кога било во минатото. Реновирани се 50 здравствени установи, клиники и хируршки сали, кои се опремени според највисоки светски стандарди. Отворени се нови центри и оддели во рамките на болниците и пациентите сега ги добиваат услугите онаму каде што живеат. Набавивме медицинска опрема која овозможува операциите, за кои порано пациентите одеа во странство, сега да ги правиме дома. Набавивме најсовремени апарати, 9 компјутерски томографи и 7 магнетни резонанции. Ова претставува најголемо вложување во клучна апаратура во историјата на нашето здравство. Особено се гордеам на вложувањето во здравјето на нашите најмили – децата. Со нова апаратура според светски стандарди, но и посветеност и личен развој на колегите од Гинекологија, успеавме да ја намалиме новороденечката смртност трипати. Малите борци што се раѓаат порано сега имаат врвна нега и светски услови за раст и развој.
Пандемијата донесе многу неизвесност и тага оставајќи трајни последици и промени во нашите животи. Но, овој период ќе го паметиме и по убави нешта. Во екот на пандемијата ја изведовме првата успешна трансплантација на срце, а потоа изведовме уште 5, со што е направен историски чекор во македонската кардиологија. Првпат направивме и трансплантација на коскена срцевина од несроден донор, што е уште еден голем дострел на македонското здравство. Се гордеам на сите посветени колеги што почнаа да применуваат нови методи на работа и изведуваат најсовремени операции. Имаме нови методи за лекување пациенти со мозочно крвавење, нов третман на епилепсија и нови неинвазивни методи за лекување на Кардиохирургија.
На крајот на мојот ангажман како министер за здравство сакам јавно да им се заблагодарам на моите колеги – здравствените работници. Нивната пожртвуваност и посветеност заслужуваат најголема почит, а јас и понатаму ќе продолжам да се борам за нивните права и достоинствен третман од страна на државата. Ви се заблагодарувам уште еднаш на сите што ги препознавте посветеноста и трудот со кои работев, но и на оние што добронамерно ме критикуваа и советуваа. Заминувам од позицијата министер горд на сработеното знаејќи дека сѐ што направивме, секоја одлука што ја донесовме, ја носевме исклучиво во интерес на здравјето и заштита на граѓаните. Со оваа мисија продолжувам да работам и понатаму. Ви благодарам“, порача Филипче.
Синоќа, во Собранието беше изгласан новиот состав на Владата на чело со премиерот Димитар Ковачевски. Нов министер за здравство е Беким Сали од редовите на Алтернативата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес е нормализиран во двете ленти
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес е нормализиран во две коловозни ленти, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)

