Македонија
Филипче: САД потврдија дека се најсериозен стратешки партнер и во здравствениот сектор
Министерот за здравство, Венко Филипче, и амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мари Брнз, вчера беа во посета на Институтот за јавно здравје. Поводот за посетата е донацијата во тестови, центрифуга и кабинет за биосигурност, во вредност од 12.000 американски долари која оваа институција неодамна ја доби од Амбасадата на САД.
Во присуство на директорот на установата, Шабан Мемети, тие направија обиколка низ Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика, како и низ претходно донираната лабораторија за вирусологија со трет степен на биосигурност од страна на американската амбасада во вредност од 500 илјади американски долари. Оваа недела, американската амбасада и Институтот за јавно здравје се согласија за модификација на проектот со кој ќе се зголемат капацитетите за тестирање на институтот за 10-15%.
Министерот Филипче упати благодарност до амбасадорката Кејт Maри Брнз за несебичното залагање уште од почетокот на кризата, кога добивме огромна помош, прво во заштитна опрема, материјали, а понатаму и во медицинска опрема за Инфективната клиника и заштитна опрема специфично за Клиниката за гинекологија и акушерство.
„Соединетите Американски Држави потврдија дека се нашиот најсериозен стратешки партнер не само во другите сектори, туку и во секторот здравство. Ова е продолжение на една соработка којашто трае веќе подолго време. Во изминатиот период целосно е реновирана Клиниката за неврологија, целосно нов блок во Психијатриската болница во Демир Хисар. Сега се во тек градежните активности на Клиниката за максилофацијална хирургија. Во следниот период ќе започнат градежните работи за реконструкција на Клиниката за хематологија. САД сериозно придонесуваат во зајакнување на нашиот здравствен систем. Она што денеска е завршено, финализирано е реновирањето на дел од лабораторијата во рамки на Институтот за јавно здравје. Лабораторијата што почна со првите тестови за детекција на коронавирусот, кајшто беше најголемиот притисок од сите пациенти ширум нашата држава. Започнаа со 20 тестови на ден, а сега се прават и до 1.200. Овој капацитет е сериозно зајакнат. Благодарение на целосното реновирање помогнато од амбасадата, за првпат во нашата земја ќе имаме кабинет со биосигурност ниво 3. Ова ќе биде уште едно зајакнување, уште еден чекор напред во квалитетот на здравствената услуга што се дава и во технологијата на работа. Во оваа лабораторија, од почетокот на пандемијата немаше ниту еден инфициран вработен здравствен работник, строго се придржуваат до сите стриктни протоколи за да се направи една ваква реконструкција и да се постигне трето ниво биосигурност во делот на микробиологијата. Им честитам на сите вработени, на директорот Шабан Мемети, на раководителот на лабораторијата Голубинка Бошевска за пожртвуваната, практично 24 часа работа на ден од почетокот на кризата. Благодарност до амбасадорката Брнз се надевам дека оваа соработка ќе продолжи и понатаму“, потенцираше министерот Филипче.
Амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, истакна дека голема е честа што ја има шансата да ги посети реновираните микробиолошки лаборатории и констатираше дека работата што ја имаат сработено експертите, професионалците и техничките работници во овие простории е круцијална и многу важна, помагајќи ѝ на Владата да одговори на пандемијата.
„Она што го видовме денеска е исклучително импресивно и чест ми е да кажам дека дополнителните капацитети кои резултираа од ова реновирање доаѓаат од соработката на американската амбасада, канцеларијата за одбранбена соработка, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје. Работевме заедно чекор по чекор за да ги утврдиме временските одлуки за круцијалните проекти кои ќе помогнат да се подобрат капацитетите за тестирањата во државата” – рече амбасадорката Брнз.
„Во 2018 година, почна реновирањето на вирусолошките лаборатории на Институтот за јавно здравје финансирано од Командата на Соединетите Американски Држави. Упатувам огромна благодарност за севкупната поддршка. Во овие моменти со справувањето со ковид-кризата, лабораториите се навистина зајакнати и на пациентите им ја даваме потребната здравствена заштита“- истакна при посетата директорот на ИЈЗ, д-р Шабан Мемети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски на министерски состанок за Коридорот 8 во Тирана
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре, на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, заедно со колегите од Италија, Бугарија и Романија, ќе учествува на Министерскиот состанок „Коридор VIII во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“.
На состанокот ќе стане збор за актуелните инфраструктурни проекти што во моментов се операционализираат долж Коридор VIII, како и за предизвиците со кои се соочуваат земјите, а за чие надминување е неопходно засилено политичко внимание.
Македонија
Напуштањето миленик да стане кривично дело, пет од шест заловени кучиња имаат сопственик, велат од „Анима Мунди“
„При едно неодамнешно заловување, во текот на само еден ден, по женка во циклус, од шест заловени кучиња од страна на ЈП Лајка, дури пет биле со сопственик. Сопствениците дошле да ги подигнат од стационарот. Овој податок е алармантен и укажува на клучен аспект од каде извира проблемот, истакнуваат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“.
Овој пример, како што велат, не значи дека тоа е единствениот извор на проблемот, туку претставува јасен доказ „во мало“, видлив во пракса.
Според нив, неодговорното сопствеништво, заедно со појави како дислокација на кучиња и континуиран прилив на животни од различни страни, суштински ја нарушуваат програмата и создаваат состојба во која станува речиси невозможно ефикасно да се контролира и сузбие.
„Наместо постепено намалување на бројот на бездомни кучиња, овие фактори постојано го обновуваат и продлабочуваат проблемот, поништувајќи ги напорите на институциите и службите на терен.
Додека ЈП Лајка троши ресурси за заловување, стерилизација и згрижување, паралелно се создава нова генерација кучиња што повторно ќе завршат на улица – слободно пуштени, репродуктивно способни и оставени без надзор. Без санкции, без контрола и без лична одговорност, системот ги третира само последиците, но не и причините за проблемот.
Истовремено, во последните 4,5 месеци сe почесто сведочиме на дислокација на кучиња- префрлање од една општина во друга, организирано префрлање на топката наместо вистинско решавање. Таквите дејствија, кои ги сметаме за координирани, дополнително ја продлабочуваат кризата и покажуваат дека, покрај неодговорното сопствеништво, постои и сериозен проблем со организирано исфрлање животни на туѓа територија, со фокус на град Скопје“.
Фактот,мкако што додаваат, дека пет од шест заловени кучиња имаат сопственик е директен доказ дека проблемот не може да се реши без строга законска регулација.
Од „Анима Мунди“ посочуваат дека се потребни сериозни, неизбежни и доследно применувани казни за неконтролиран расплод, за пуштање кучиња без надзор и за напуштање животни.
Предлагаат и бараат, напуштањето миленик да стане кривично дело.
„Во повеќе европски држави напуштањето животно се третира како кривично дело со можност за високи парични казни и затворска санкција (Хрватска, Франција, Португалија). Со тоа државата јасно порачува дека оставањето миленик на улица не е „лична одлука“, туку општествено штетно и казниво дејствие. Напуштеното животно е неодговорност што има директни последици врз јавната безбедност, буџетите на општините и благосостојбата на животните.
Иницијативата за криминализација на исфрлањето миленик на улица, вклучително и оставање мали кучиња, електронски ја имаме доставено до Министерство за правда Министерство за внатрешни работи, Владата на РМ и Агенција за храна и ветеринарство“.
Очекуваат институционален одговор и конкретни законски измени, како и што поскора измена на Законот за заштита и благосостојба на животните кој е во процедура.
Животните, посочуваат од здружението, не се виновни што се на улица.
„Не е решение да се убиваат животните. Решението е да се спречи создавањето нови напуштени животни – а тоа може да се постигне само ако одговорноста стане реална, лична и најстрого санкционирана.
Ако сакаме системско решение, системот мора да се промени. Законот мора да го спречи проблемот пред да се појави и оневозможи неодговорност без последици. Затоа што систем што толерира напуштање создава страдање. А само систем што казнува неодговорност, може да создаде ред“.
Македонија
Авионот е користен согласно прописите, за секој лет постојат документи, велат од Владата
Јавно и недвосмислено укажуваме дека владиниот авион е користен исклучиво во согласност со прописите и актите за негово користење, согласно Правилникот за условите и начинот на користење на истиот. Секое користење е евидентирано, документирано и предмет на институционална контрола, велат од Владата, по обвинувањата од опозицијата дека премиерот и министри го користеле авионот за приватни цели.
Од Владата велат дека ниту една активност не е надвор од утврдените процедури, ниту постои каква било форма на злоупотреба.
„Особено е симптоматично што опозицијата свесно ја игнорира хуманитарната и државничка димензија на користењето на авионот во ситуации од итен карактер. Јавноста добро знае дека истиот воздухоплов беше ставен во функција на спасување човечки животи, меѓу другото и при транспорт и координација на активности поврзани со повредените од трагичниот пожар во Кочани. Загрижува фактот што истата политичка структура која денес обвинува, во минатото го користеше владиниот авион за патувања кои останаа длабоко контроверзни во јавноста, вклучително и летови до Ниш, во тоа време од патувањата со владиниот авион гледавме фотографии и изјави со кои се манипулираше јавноста“, велат од Владата.
Од таму додаваат дека денешните обиди за морализирање од страна на истите актери претставуваат класичен пример на политичка хипокризија.
„Кога беа на власт, ги уриваа стандардите на отчетност, ги злоупотребуваа службените ресурси до максимум, а никогаш не иницираа суштински реформи напротив, токму во нивниот период на владеење, јавноста беше сведок на безброј злоупотреби. Владата останува цврсто посветена на принципите на законитост, отчетност и транспарентност. Секој надлежен орган има право и обврска да изврши увид и контрола, и ние немаме што да криеме. За разлика од политиката на сензационализам и конструирани афери, наш приоритет остануваат конкретните резултати, заштитата на јавниот интерес и унапредувањето на меѓународната позиција на државата“, пишува во реакцијата.
фото/Depositphotos

