Македонија
(Видео) Филипче: Само за камати за унгарскиот кредит годишно ќе се платат 18 милиони евра
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање, посочи дека каматите за кредитот од Унгарија на годишно ниво ќе изнесуваат околу 18 милиони евра. Филипче порача дека граѓаните ниту се должни ниту имаат некаков бенефит од плаќање на камати за овој кредит. При тоа, Филипче потенцираше дека повлекувањето на парите од унгарскиот кредит, отвора сериозно загрижувачки прашања, односно дека ниту општините се подготвени да ги искористат, ниту пак има развиен механизам како ќе се поделат парите на компаниите, а во меѓувреме граѓаните ќе плаќаат камати.
„Годишно каматите за тој кредит ќе изнесуваат околу 18 милиони евра. Тоа значи дека ние веќе плаќаме камати за кредит којшто е целосно повлечен иако можело да се повлекува на пример по делови, а едноставно не може да искористи. Тоа значи дека кога некој граѓанин ќе купи стан или кола, ќе земе кредит, а станот или колата ќе му дојдат следната година. Тоа нема никаква домаќинска логика. Не знам зошто премиерот и Владата вака недомаќински се однесуваат со ресурсите на државата и со парите на граѓаните. За да се направат проекти, за да се реализираат и за да се стигне до наплата треба сериозен број на месеци, а ние имаме најмалку шест месеци период во којшто граѓаните плаќаат камати без никаква потреба“, рече Филипче.
Во однос на механизмот за поделба на парите кон компаниите, Филипче потенцираше дека Владата и за овој дел нема план и дека очекувано ќе биде комерцијалните банки за своите трошоци да ја зголемат каматната стапка.
„Не станува збор очигледно за така поволен кредит како што Владата сакаше да го рекламира на почетокот. Моите информации се дека има компании коишто се добро рангирани кои од нашите банки земаат кредит со каматна стапка под 3%. Тоа значи дека има многу поповолни кредитни линии за компаниите. Зошто граѓаните да плаќаат камати и да враќаат кредити за развој на некои компании. Каков бенефит ќе имаат граѓаните кога ќе плаќаат кредити за развој на некои комерцијални компании? Зошто не беше премиерот и Владата фер да кажат дека каматата нема да биде само 3,25%, туку дека ќе биде многу повеќе, а сега во овој временски период и значајно повеќе од тоа што реално може да се најдат пари на пазарот и преку комерцијалните банки“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа-Дрекслер: Поддршката на Германија за енергетската транзиција и Зелената агенда на Балканот е клучен столб за модерен, декарбонизиран и отпорен енергетски систем
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска на работна средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, изрази искрена благодарност за континуираната и силна поддршка на Германија во спроведувањето на Зелената агенда на Западен Балкан.
Хоџа истакна дека, во време на сериозни глобални предизвици, особено енергетската криза и климатските промени, оваа поддршка е клучен столб за заштита на ранливите категории на население, стабилизација на енергетскиот сектор и забрзување на транзицијата кон модерен, декарбонизиран и отпорен енергетски систем, во корист на граѓаните на Западен Балкан и Европа.
Тој истакна дека ги поздравува напорите на Германија за поддржување на енергетската транзиција во регионот, преку тесна соработка со Европската комисија и европските финансиски институции, со цел зајакнување на инвестициите во чиста и одржлива енергија.
Македонија
Љутков: Руралниот туризам приоритет на Министерството за култура и туризам
Во пресрет на Саемот за рурален туризам, кој ќе се одржи на 31 јануари и 1 февруари во Центарот „Јавна соба“ во Скопје, министерот за култура и туризам Зоран Љутков се обрати на денешната прес-конференција што се одржа по тој повод.
Во своето обраќање, министерот истакна дека руралниот туризам ќе биде еден од стратегиските приоритети на Министерството, при што вакви настани ќе бидат сè почести во текот на 2026 година, а уште поинтензивни во 2027 и 2028 година.
„Преку проектот Е-75, активно работиме на развој на транзитниот туризам. Нашата цел е просечниот престој на туристите долж оваа траса, кој во 2026 година изнесува околу 24 часа, до 2028 година да достигне најмалку 72 часа“, изјави Љутков.
За 2026 година, Министерството за култура и туризам предвидува 36 милиони денари за програмски активности, како и дополнителни 150 милиони денари за субвенции во туризмот. Како што нагласи министерот, овие средства ќе се зголемуваат секоја година, имајќи предвид дека секој вложен денар во туризмот носи четирикратен економски поврат.
Љутков посочи дека руралните домаќинства и малите производители претставуваат клучен двигател на локалниот економски развој и дека токму во нив ќе се инвестира континуирано и стратешки, особено по спојувањето на ресорите култура и туризам.
На Саемот, претстојниов викенд, ќе учествуваат околу 50 излагачи од целата земја, а се реализира во организација на Министерството за култура и туризам, во партнерство со Амбасадата на Словенија, Швајцарската амбасада преку програмата ИМЕ, Земјоделскиот институт и Центарот „Јавна соба“.
Министерот Љутков упати благодарност до сите партнери и информираше дека на Саемот ќе присуствуваат и туристички агенции за дојдовен туризам, со цел остварување директни средби и можност за склучување договори со руралните домаќинства. За посетителите ќе бидат обезбедени и ваучери за попуст за да се поттикне поголема посетеност од домашната публика.
„Ги поканувам граѓаните да дојдат, да ги запознаат автентичните вредности на Македонија, да вкусат локални деликатеси и да ги доживеат руралните убавини на Македонија“, порача министерот Љутков на крајот од денешната прес-конференција.
Македонија
Заврши мониторингот за Македонија од страна на Советот на Европа, за Мицкоски тоа е историски момент и признание за нивото на демократија
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека заврши мониторингот за Македонија од страна на Советот на Европа и дали можеме да го цениме ова како напредок, изјави дека тоа е историски момент.
„Ова е историски момент, би рекол рамо до рамо со денот кога се прогласи независноста. Односно, Македонија веќе не е опфатена со пост мониторинг од страна на Советот на Европа. За разлика од нас, сите овие фронтранери во регионов, нели имаме фронтранери во европските интеграции или се во мониторинг или се во пост мониторинг. Пред само три-четири месеци, земја членка на ЕУ, како Бугарија, излезе од овој пост мониторинг, сега и ние излегуваме. Тоа е само признание за нивото на демократија во државата.
Ќе ве потсетам, дел од вас бевте присутни пред неколку дена, кога ми беше поставено прашање, дали Владата влијае на слободата на говорот. Еве еден најголем демант, ова е најголемиот демант за квалитетот на демократијата во Македонија и слободата на говорот, владеењето на правото и сите процеси коишто ги мониторира Советот на Европа“.
Според него, тоа е уште една добра вест, покрај онаа каде Европската Унија го препозна проблемот со камионџиите.
„Тоа е уште една добра вест, покрај онаа со којашто Европската Унија го препозна проблемот со, не само камионџиите, би рекол, со друмските превозници, зборувам тука и на товарниот и на патничкиот сообраќај, не е само тоа случај кај превозниците со камиони. Но, во периодот што следи ќе има уште многу добри вести. Така што сите оние невистини, лаги од страна на опозицијата коишто беа кажувани изминатиов период и злоупотребувани, полека се распрснуваат како меур од сапуница. Но, и на оние нивни перјаници во медиумите коишто ги засилуваат лагите на опозицијата, мислејќи дека на тој начин ќе ми наштетат мене и на Владата. Еве нема поголем демант од овој којшто дојде директно од Стразбур, од Советот на Европа. Којшто вели Македонија како држава е зрело демократско општество, владее правото, нема замолкнување на слободна новинарска мисла, се почитува слободата на говорот и дека таа држава е зрела, да понатаму ја гледаме како навистина зрела демократија, за разлика од другите земји од Западен Балкан. Сите се или во пост мониторинг или во мониторинг, вклучително тука зборам и фронтранерите Црна Гора, Албанија и така натаму.“

