Македонија
Филипче се вакцинираше: Вакцините се безбедни и сигурни
Министерот за здравство Венко Филипче денеска ја прими вакцината за заштита од Ковид-19 од кинеската „Синофарм“. Иако пред да стигнат вакцините ветуваше дека ќе се вакцинира со првата вакцина што ќе стигне во земјава, тој се предомисли и повеќе од два месеца го одложуваше вакцинирањето.
„Вакцините се сигурни, безбедни, развиени на безбедни платформи. Несаканите ефекти се мали. Контраиндикации има за одредени посебни категории граѓани кои нема да примат вакцини, а препораките за нив ги влечеме од научни испитувања. Јас примив ’Синофарм’“, рече министерот Филипче по вакцинацијата во салата „Борис Трајковски“.
Тој апелираше сите да се пријават за вакцина на vakcinacija.mk за што побрзо да добијат термин.
„Согласно тајмингот на пријавување сите ќе добијат известување преку СМС или е-пошта да се јават за вакцина“, објасни министерот.
Освен него, термини за вакцина во следните 14 дена добиле и сите останати министри оти нашата Влада одлучила дека треба да се вакцинира по вакцинирањето на Собранието како институции кои се клучни за функционирање на државата.
Министерот Филипче по вакцинирањето потсети на значењето на вакцината.
„Пандемијата нè научи да бидеме сплотени во почитување на мерките за заштита и превенција од ширење на вирусот. Сега треба да бидеме обединети во давањето приоритет на вакцинација за да се смени сликата на пандемијата кај нас. Вакцината е нешто што сите го чекавме долго време, фактор да се смени сликата за пандемија. Сега, соочени со една болест за која немаше вакцина знаеме што значи ако ја нема“, потсети министерот Филипче.
Покрај вакцинацијата по возрасни групи во тек е и вакцинација на критичната инфраструктура односно вработените во институциите кои ја менаџираат кризата или се директно изложени на вирусот. Вчера биле вакцинирани околу 10.000 граѓани на сите вакцинални пунктови. Од почетокот на вакцинацијата дадени се вкупно 104.000 вакцини, а од нив околу 24.000 граѓани се целосно вакцинирани, односно ги примиле двете дози од вакцината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

