Македонија
(Видео) Филипче: „Македонијалек“ може да остане без дозвола за работа поради вакцините со погрешни декларации
Министерството за здравство ја разгледува можноста за одземање на дозволата за увоз на лекови на „Македонијалек“ за раскинување на веќе потпишаните договори со оваа фирма или, пак, можноста да ѝ се изрече забрана за увоз доколу се утврди дека направената грешка со датумите на вакцините можела да се превенира.
Министерот за здравство, Венко Филипче, и денеска уверуваше дека вакцините против малите сипаници се исправни и квалитетни, а рокот е валиден.
„Случајот сѐ уште се испитува. Ги разгледуваме сите можности што се законски предвидени во вакви случаи. Тоа значи дека се разгледува можноста за одземање на дозволата, вклучително и раскинување на веќе потпишаните договори. Ако утврдиме дека пропустот можел да се превенира, ќе го санкционираме. Контролите се во тек и побарав лично да ме информираат. Во ек на епидемија сакам да верувам дека се работи за техничка грешка“, рече Филипче и додаде дека Министерството работи на враќање на довербата на пациентите во здравствениот систем.
Вонредни контроли за погрешните датуми на вакцините се прават на сите нивоа тргнувајќи од увозникот до вакциналните центри. Министерот Филипче го чека реултатот од проверките за прием на пратките со вакцини во здравствените институции кои биле обврзани да го проверат датумот на вакцините. Направен е контакт и со производителот на вакцината, компанијата „Глаксо Смит Клајн“ од Белгија, од каде што се увезува во Македонија. Министерот Филипче уште еднаш обајсни дека на влез во Македонија вакцините биле проверени, увозот бил одобрен, но кога им ставале кирилски декларации, биле залепени со погрешен датум.
Министерот соопшти дека минатата година имало 65 случаи на морбили, податок што го оцени како алармантна бројка, при што заклучи дека прогласувањето на епидемијата е оправдано. Во однос на декларациите на дел од вакцините со поминат рок, тој рече дека само еден процент од нарачката бил со декларација со постар датум од вистинскиот.
Директорот на МАЛМЕД, Ќахил Ибраими, кусо рече дека работат на случајот со погрешните датуми. Уверуваше дека се работи за исправна вакцина, но погрешна налепница, и најави дека ќе постапат во согласност со законот. Не одговори на новинарските прашања што предвидува законот во вакви случаи, но нагалси дека првпат се соочуваат со ваков случај на погрешни декларации.
Министерот соопши дека во моментот има 11 пациенти со сипаници на државната клиника. Денес, четири деца биле пуштени на домашно лекување, но се појавиле и четири нови слуачи на морбили кај две деца и двајца возрасни. Се работи за 18-месечно бебе, кое посетувало градинка во Чаир, и уште едно дете од населбата Јане Сандански на 4-годишна возраст, кои не биле вакцинирани. Двајца возрасни имаат 30 и 28 години, а едниот од нив примил дел од вакцините.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

