Македонија
(Видео) Филипче: Со апликацијата „Стоп корона“ ќе се откријат несвесно направените контакти
Со апликацијата „Стоп корона“ ќе се откријат непознатите, односно несвесно направените контакти, смета министерот за здравство, Венко Филипче. Со тоа ќе се скрати времето на траење на епидемијата, потенцира тој. Според него, состојбата нема да заврши со достигнување на пикот кон крајот на месецот, туку ќе трае до идната година.
„Ние сме во фаза на дочекување на пикот, но оваа состојба нема да заврши сега. Во повеќе земји се размислува како да се постават, а размислуваме и ние, бидејќи до крајот на годината ќе нè чека доста работа, можеби и в година, до стекнување некој колективен имунитет или пронаоѓање на вакцината. Во целиот период пред нас ги користиме сите можности и алатки. Ова е една од најголемите придобивки за идентификување на сите примарни контакти. Во периодот пред нас планираме и скрининг во областа на Дебар, со оглед дека во овој дел се запре епидемијата“, рече Филипче.
Апликацијата е сработена за неполни 10 дена од компанијата „Нексус“ и е достапна за иос-телефоните и андроид-телефоните.
„Ние сме во фаза во која го очекуваме пикот на коронавирусот. Оваа апликација ќе ја олесни работата на епидемиолозите бидејќи ќе го замени прашалникот што го работат. Со оваа алатка ќе се стигне многу лесно до примарните контакти. Очекуваме да имаме дополнително поголем број лица, како примарни контакти, со оваа апликација“, додаде Филипче.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кажа дека при изработка на оваа апликација најважно било да се гарантира безбедност и заштита на податоците, да биде едноставна за користење и апликацијата да им помогне на епидемиолозите во процесот на анкетирање на лица кои се позитивни на КОВИД-19.
„Одговорно тврдиме дека апликацијата гарантира целосна заштита на приватноста. Таа во никој случај не ги следи контактите, не користи локација, ниту име и презиме на оние кои ја користат апликацијата. Функционира со анонимизирани кодови (шифри) кои се генерираат за секоја апликација со нејзиното активирање. Единствен податок што го бара апликацијата е мобилниот број на корисникот. Корисникот е потребно доброволно да го внесе својот мобилен број за да ја активира апликацијата (го потврдува својот број со внес на СМС код пратен на тој број). Овој податок се евидентира на безбеден сервер на Минстерството за здравство. Ниту еден друг корисник нема пристап до мобилните броеви, ниту пак некаде се чува податок за сопственикот на бројот.
Дополнително, функционира на доброволна база, односно единствено во случај кога корисник на апликацијата ќе добие резултати дека е позитивен на КОВИД-19, може доброволно да ги прати податоците од својата апликација до Министерството за здравство“, информираше министерот Манчевски.
За граѓаните дополнително да бидат сигурни дека можат да веруваат на апликацијата, во наредните неколку денови тим на експерти од оваа област ќе имаат пристап до сорс кодот на апликацијата, по што ќе дадат и свој став за начинот на којшто функционира СтопКорона.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

