Македонија
Филипче стигна во Владата на средбата со Мицкоски: „Внимателен оптимист сум“

Во Владата почна средбата помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче пред почетокот на состанокот изјави дека очекува конструктивен разговор. Изрази жалење што одредени политички партии уфрлиле етничка димензија за средбата, бидејќи повикот за меѓупартиска средба беше упатен кон сите партии. Со оглед на тоа што Мицкоски прв прифатил, ќе поразговараат за теми кои смета дека заеднички треба да се менаџираат.
„Отворен сум да разговараме за сите опции. Внимателен оптимист сум“, рече Филипче.
Додаде дека средбата е иницијатива која произлезе после трагедијата во Кочани и време е за поинаков пристап кон одредени важни прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР најави засилени мерки против непрописното паркирање

Вчера во периодот од 17:00 до 20:00 часот од страна на Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје преземени се зајакнати мерки за санкционирање на непрописно паркираните возила низ централното градско подрачје за зголемување на безбедноста во сообраќајот.
МВР информира дека се преземени вкупно 20 мерки од кои изречени се шест прекршочни платни налози за непрописно паркирани возила, 12 возила се подигнати со специјалното возило “пајак” и 2 мерки по останати прекршоци.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, најави МВР.
Од таму апелираат до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заедно да придонесеме за посигурни патишта.
Македонија
Облачно време со пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени локални врнежи од дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 18 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.
Во понеделник ќе има повремен локален дожд, а од вторник стабилизирање на времето.
Македонија
Ѓорче Петров и Сопиште денеска без струја

ЕВН Македонија АД известува дека денеска без електрична енергија ќе останат:
-во периодот од 09.00 до 14.00 часот, дел од корисниците на ул 100 и ул 21 во Волково (Општина Ѓорче Петров)
-во периодот од 12.00 до 14.00 часот дел од ул.3 во Ракотинци (општина Сопиште)