Македонија
Филипче ја презеде функцијата претседател на СДСМ: Освен темелни промени, не постои друг начин да ја вратиме довербата кај членовите

Денеска, во седиштето на партијата Венко Филипче ја презеде функцијата претседател на СДСМ од поранешниот претседател Димитар Ковачевски.
Ковачевски му честита на изборот, му посака понатамошен успех во работата и повторно градење победнички СДСМ.
Филипче се заблагодари на честитките, како и за ангажманот на Ковачевски во изминатите години како претседател на партијата и како премиер на владата.
Новоибраниот претседател Венко Филипче посочи дека следува период на многу работа, обединување и реформа на СДСМ.
„Процесот нема да биде ниту брз ниту лесен, но освен темелни промени, не постои друг начин да ја вратиме довербата кај членовите за да може постепено да ја освојуваме и довербата кај граѓаните. Ќе водам со пример, ќе обединувам и ќе работам како што ветив, како што се обврзав пред членовите. Сечиј глас ќе биде слушнат. Со честа и отворена комуникација со членството ќе создадеме нова енергија во партијата, која ќе ја трансформираме во една ефикасна организација. СДСМ ќе се врати посилен и ќе продолжи да биде мотор на општествениот напредок“, рече Филипче.
Филипче убедливо победи на директните внатрепартиски избори со освоени над 9.000 гласа од членовите на партијата. СДСМ е единствена партија во земјата со толку висок демократски капацитет, која претседаелот го избира на директни, непосредни внатрепартиски избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце времето на чекање за излез од државата е 30-ина минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е 30-ина минути, а на другите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Фото) Се гради првата спортска сала во населбата Припор

Денес беше направен увид во градежните работи за изградба на првата училишна спортска сала во населбата Припор од страна на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Новиот објект ќе биде сместен во дворот на ПОУ „Круме Кепески“ и ќе се простира на 500 квадратни метри, со рок за изведба од две години. Проектот е овозможен со поддршка од Владата, по успешната апликација на општина Кисела Вода на владиниот повик за обезбедување средства за реализација на капитални проекти, информира Општината.
Салата ќе обезбеди современи услови за спорт и рекреација на учениците и младите од овој дел на градот. Дополнително, ќе се изврши целосно партерно уредување на училишниот двор, со што ќе се создаде безбеден и функционален простор за секојдневни активности. Вредноста на проектот изнесува 16.449.974,80 денари, извести општина Кисела Вода.
Изградбата на спортската сала претставува инвестиција во подобро образование, здрави навики и развој на младите генерации во Припор. Во изминатите четири години се изгради спортска сала во Пинтија, се реконструираше салата во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, започна изградбата на сала во ООУ „Кузман Јосифовски Питу“, заврши реконструкцијата на салата во ООУ „Партение Зографски“, како и реконструкцијата на салата во ООУ „Климент Охридски“. Во моментот е подготвена документацијата за изградба на нова сала во ООУ “„Кузман Шапкарев“, а салата „Расадник“ темелно се реконструира во соработка со Министерството за спорт, се додава во соопштението на општина Кисела Вода.
Македонија
Исчезнатиот Ѓорѓе Серафимовски е пронајден жив и здрав, соопшти семејството

83-годишниот Ѓорѓе Серафимовски е пронајден жив и здрав, кусо соопшти семејството. Тие заедно со полицијата го бараа од вчераутро откога излегол од својот дом во Фалише да оди кон Тетово, но не можеле да го најдат.
Семејството вели дека го пронашле на патот кон Тетово, контактибилен, но го однеле во болница за дополнително да му ја проверат здравствената состојба.