Македонија
Филков: Во континуитет ги усогласуваме законите со европските стандарди и препораките на Венецијанската комисија
Министерот за правда Игор Филков денес учествуваше на одбележувањето на значајниот јубилеј по повод 90-тата средба на правниците, организирана од Македонското здружение на правници.
Обраќајќи се пред присутните правни експерти, професори, судии, обвинители, адвокати и млади правници, министерот Филков истакна дека оваа традиција претставува мост меѓу правната наука и практиката, меѓу различните правни професии и генерации кои веруваат во моќта на правото како темел на демократијата и општествениот поредок.
,,Граѓаните денес бараат правосудство што е ефикасно, непристрасно и достапно. Бараат судски одлуки што доаѓаат на време, обвиненија што се темелат на факти и докази, а не на претпоставки, институции што работат за јавниот интерес, а не за поединци. Како Министерство за правда, сме целосно посветени на остварување на овие очекувања. Затоа ги започнавме реформите во судството, во Судскиот совет, во Советот на јавните обвинители и Јавното обвинителство. Во континуитет ги усогласуваме законите со европските стандарди и препораките на Венецијанската комисија – за што добивме позитивни коментари од истата, со препораките на ГРЕКО и Европската комисија. Тоа е сеопфатен процес што би сакале да се воспостави како пракса отсега па натаму. Но, реформите не се само закони – реформите се луѓе. Законот може да биде одличен, но ако нема интегритет, знаење и одговорност кај оние што го применуваат – тој останува само буква на хартија”,рече Филков.
Ја истакна и важноста на вклучувањето на младите правници, кои не се само „иднината“, туку „сегашноста што доаѓа“.
„Наша должност е да им дадеме знаење, алатки и пример за чесност, професионализам и служба на правдата,“ додаде министерот, повикувајќи на отворена дискусија за новите предизвици што ги носи дигиталната ера – од заштитата на човековите права до примена на вештачката интелигенција во правосудството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

