Македонија
Филков до идните судии и јавни обвинители: Етичкото постапување е повеќе од клучно во моментите кога недовербата во правосудството е голема

Министерот за правда Игор Филков присуствуваше на церемонијата по повод доделувањето на уверенија на VIII -та генерација слушатели кои ја завршија почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители. Посакувајќи им успех, Филков посочи дека стручното, етичкото постапување е повеќе од клучно во овие моменти кога сме соочени со предизвици и кога недовербата во правосудството е голема.
,,Вашиот интегритет и стручност како клучен фактор, а понатаму и вашата професионалност во постапувањето во предметите се суштинските елементи во креирање на систем кој ги штити правата и интересите на граѓаните.
Токму вие како долгоочекувана нова енергија во правосудството, можете и потребно е да направите многу, да докажете дека сте вистинскиот избор на државата, која во вас вложила ресурси и време.
Пред вас претстојат многу предизвици. Ќе се соочите со реалноста и со голем број на предмети по кои ќе мора да постапувате или одлучувате во многу кратки рокови. Токму затоа вашиот процес на едукација не престанува тука со моментот на завршување на почетната обука”, порача министерот за правда.
Министерството за правда останува посветено да работи на сите процеси во обезбедувањето на сите предуслови кои се потребни за подигнување на ефикасноста на судските постапки. Само со заеднички придонес ќе успееме да ја вратиме довербата на граѓаните во правосудните институции, велат од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие во Тетово, Претор и Куманово

Најмногу дожд во изминатите 24 часа до 08:00 часот се наврнати во Тетово – 19 литри на метар квадратен, потоа во Претор 11 и Куманово 10, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Потоа следи Пожаране со 9 литри на метар квадратен, 8 во Попова Шапка, по 6 во Крушево и Маврови Анови, 5 во Битола, по 4 во Крива Паланка и Лазарополе, по 3 во Скопје-Зајчев Рид, Велес и Охрид, 2 во Прилеп и еден литар на метар квадратен во Тополчани.
Во текот на денот не очекува претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни (над 20 l/m²), проследени со ретки грмежи. Ќе дува слаб со умерен ветер претежно од југоисточен правец, поизразен долж Повардарието.
Најниска температура утрово е измерена на Попова Шапка – шест степени Целзиусови. Во Берово, Крушево и Маврови Анови по 9, 10 во Лазарополе, по 11 во Крива Паланка и Претор, по 12 во Охрид, Прилеп и Струмица, по 13 во Тетово, Битола, Виница и Куманово, по 14 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид и Велес, по 15 во Штип, Демир Капија, Кавадарци и Гевгелија.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска Давкова: Не сум се фотографирала со восочни фигури на Доналд и Меланија Трамп

Фотографијата објавена на моите официјални профили на социјалните мрежи, на којашто сум заедно со претседателот на САД, Доналд Трамп, е автентична и направена во Њујорк за време на свечениот традиционален прием организиран од претседателот Трамп и неговата сопруга, Меланија Трамп, реагираше претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова.
– Написите на одредени медиуми дека станува збор за фотографија со восочна фигура се целосно неточни, злонамерни и со јасна тенденција за дискредитација, вели таа.
Сиљановска – Давкова упати апел до медиумите за професионално, одговорно и чесно информирање на јавноста, со почитување на вистината како највисок демократски принцип.