Македонија
Филков: Не смееме да дозволиме жртвите на кривични дела со насилство да останат без заштита, а насилниците да бидат неказнети
На третиот правосуден форум за родова рамноправност на Западен Балкан, министерот за правда, Игор Филков, порача дека нема напредок во општеството, без почитување на основните човекови права на секој поединец.
„Родовата рамноправност не е само морална вредност. Таа е основен столб на современото правно и демократско општество. Оваа концепција е вградена во многубројни законски и подзаконски акти, но за да биде целосно реализирана, мора да ја практикуваме без компромиси, без стереотипи и без предрасуди.
Родовата еднаквост не е само право, туку и обврска. Нема напредок во општеството, без почитување на основните човекови права на секој поединец. Загрозувањето на родовата рамноправност го загрозува и почитувањето на основните човекови слободи и права“, рече министерот за правда, Игор Филков.
Филков посочи дека ние сме една од првите земји што во 2011 година ја потпиша Истанбулската конвенција. По нејзината ратификација во 2018 година, ги направивме првите законски измени, кои го криминализираат родово базирано насилство и ја воведуваат новата квалификација за фемицид, со предвидени строго дефинирани казни. Кривичниот законик веќе е изменет и усогласен со Истанбулската конвенција.
За кривичното дело убиство – фемицид предвидена е најмалку десет години затворска казна или доживотен затвор при вршење родово базирано насилство.
Постигнат е напредок и со носењето на Законот за исплата на паричниот надоместок на жртви на кривични дела со насилство. Со ова се спречува секундарна виктимизација како дополнително страдање на жртвите, од кои повеќето се жени. Во октомври 2024 година ја отворивме канцеларијата на Комисијата за паричен надоместок на жртви на кривично дело со насилство, која успешно функционира и ги процесира постапките.
„Секој случај на родово базирано насилство, секој случај на фемицид е трагедија што мора да нè поттикне да дејствуваме побргу и посилно. Нашата заложба е јасна: нема да дозволиме системски пропусти. Не смееме да дозволиме жртвите да остануваат без заштита, а насилниците да останат неказнети. Правосудството, обвинителствата и сите релевантни институции мора да бидат насочени кон ефективен и решителен пристап со силен акцент на сериозноста на овие дела и нивното општествено влијание.
Затоа, Министерството за правда ќе продолжи да вложува во правниот систем за да обезбеди вистинска заштита за сите жртви и ќе продолжиме да работиме на унапредувањето на пристапот до правда“, потенцира Филков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Екипи на ЈП „Комунална хигиена“ го чистат Скопје од снегот
ЈП „Комунална хигиена Скопје“ спроведува активности за рачно и машинско чистење на снегот и мразот на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците и одвивање на сообраќајот, соопштија од претпријатието.
Активности за расчистување на снегот и мразот беа реализирани и во централното градско подрачје, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, како и Старата чаршија.

Екипите на Претпријатието го расчистуваа реонот и околу Градската болница, Владата и Собранието на РМ. Спроведени се и активности за фрлање сол на пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“, и „Слобода“, како и на сите пешачки мостови.
„ЈП ‘Комунална хигиена-Скопје’ ќе продолжи со активностите за расчистување на снегот и мразот во текот на денов и претстојната ноќ, во согласност со состојбата на терен“, се наведува во соопштението.
Македонија
Изминатите два дена 1026 сообраќајни прекршоци, уапсени пет лица за безобѕирно управување на возило
Изминатите два дена како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1026 издадени платни налози, 150 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Лишени од слобода за безобѕирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле пет лица, сите за возење под дејство на алкохол.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на изминатите два дена евидентирани се 199 прекршоци за неправилно паркирање, 116 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 16 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, а согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле тројца возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и 33 пешаци. Исто така санкционирани се 93 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 15 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а шест заради техничка неисправност. Санкционирани се и шест возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии).
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, соопшти МВР.
Македонија
Укината забраната за камиони на патот Струга – ГП Ќафасан
Во 10:45 часот на патниот правец А2 Струга – ГП Ќафасан се прекинува забраната за движење на тешки товарни возила, информира АМСМ.
Забрани за тешки товарни возила утрово се воведени на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан, извести АМСМ.

