Македонија
Филков се потпиша во книгата на жалост: Одговорност ќе има и правдата ќе биде задоволена

Министерот за правда Игор Филков се потпиша во книгата на жалост отворена во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија по повод трагичниот настан во Кочани.
„Изразувам длабоко сочувство за трагично загубените млади животи во Кочани. Оваа несреќа нè потресе сите оставајќи неизмерна болка и тага. На повредените, кои се згрижени во болниците во земјата и надвор од неа, им посакувам брзо и целосно закрепнување. До граѓаните упатувам јасна порака – одговорност ќе има, а правдата ќе биде задоволена! Министерството за правда и јас како министер ќе направиме сè што е во наша надлежност за да се осигуриме дека вистината ќе излезе на виделина, а одговорните ќе сносат последици! Правда ќе има!“, вели министерот за правда, Игор Филков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Георгиев до ЕУ: Не е можно да се промени договорениот европски консензус, очекуваме РСМ да ги исполни своите обврски

Не е можно да се промени договорениот европски консензус или која било од неговите компоненти. Бугарија очекува соседната земја да ги исполни своите обврски со добра волја. Oва го напишал бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, во писмо до неговите европски колеги.
Бугарија изразила растечка загриженост за, како што се наведува во писмото, континуираниот неуспех на Република Северна Македонија да ги исполни своите обврски кон Европската Унија.
Во своето писмо, како што пренесува БГНЕС, министерот Георгиев ги информираше своите колеги од земјите-членки на Европската Унија, како и од европските институции, дека Македонија, наводно се обидува да компромитира важни елементи од европскиот консензус.
„Пакет-договорот одобрен во јули 2022 година на европско ниво останува единствениот можен пат напред за оваа земја-кандидат за ЕУ. За жал, наместо конструктивен дијалог и добрососедски односи, забележуваме политика на конфронтација, провокации и повлекување од преземените обврски, вклучително и целно оспорување на клучните договори пред Уставниот суд во Скопјe“, се вели во писмото.
Како што се додава, Бугарија останува на ставот дека најдоброто решение за иднината на Западен Балкан е учеството на сите држави во овој најуспешен проект наречен Европска Унија.
Македонија
Герасимовски: Ангажираме лични асистенти во училиштата, плата 15.000 денари, вложуваме во инклузивно образование

Општина Центар и оваа учебна година ангажира лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“.
Право на пријавување на јавниот повик имаат лица со завршено средно образование, а предност ќе имаат кандидати со високо образование од областа на наставата, психологијата, педагогијата, дефектологијата и социјалната работа, како и оние со претходно искуство во работа со деца со попреченост.
Избраните кандидати ќе работат по 20 часа неделно, со месечен надоместок од 15.000 денари.
Градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски истакна дека личните асистенти се клучни за успешен инклузивен образовен процес.
„Нашите асистенти им помагаат на учениците полесно да се адаптираат и функционираат во училишната средина. Тоа многу значи, не само за децата, туку и за родителите и наставниците. Морам да потенцирам дека сме единствена општина во Скопје што, и покрај сите предизвици, продолжува самостојно, од свој буџет, да го спроведува овој проект“, рече Герасимовски.
Јавниот повик е отворен пет работни дена, а пријавувањето се врши во Архивата на Општина Центар, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Македонија
Одвоени средби на министерот Муцунски со министрите за надворешни работи на Словенија и Словачка

На маргините на Бледскиот стратешки форум, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари одвоени средби со министерката за надворешни и европски работи на Република Словенија, Тања Фајон, и со министерот за надворешни и европски работи на Република Словачка, Јурај Бланар.
Во фокусот на разговорите беа регионалната соработка и стабилноста, како и билатералните односи. Соговорниците го нагласија силниот потенцијал и подготвеноста за нивно понатамошно продлабочување.
На двете средби беше потврдено сојузништвото во рамките на НАТО Алијансата. Воедно, стана збор и за реформските процеси, европските аспирации на нашата држава, предизвиците на тој пат и континуираната поддршка од Словенија и Словачка.