Македонија
Филков : Сите закони, кои се дел од реформската рамка, се подготвени или се во финална фаза на усвојување
Министерот за правда Игор Филков на денешната прес конференција се осврна и на Реформската агенда и законите кои се подготвени или се во финална фаза на усвојување во изминатите 10 месеци.
Подготвени се:
-Предлог Закон за судски совет
-Предлог Закон за јавно обвинителство
– Предлог Закон за платите на јавните обвинители
-Кривичен законик
-Предлог Закон за кривична постапка
-Предлог Законот за судска служба
Во план и подготовка се и:
Предлог Законот за судски буџет
Предлог Законот за Советот на јавни обвинители
Предлог Законот за јавнообвинителска служба
Измени на Изборниот законик, со поддршка на ОДИХР.
Закони со кои се регулираат платите на судиите, јавните обвинители, и јавно обвинителската служба
Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер
Закон за помилување
Закон за вештачење
Закон за нотаријат
Закон за извршување
Закон за пробација
Закон за извршување на санкции
Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка
Закон за заштита на лични податоци
,,Реформската агенда има рокови до кои законот треба да биде донесен од Собранието. Од друга страна, Годишната програма на Владата опфаќа поранешна фаза — кога законот треба да биде доставен до ЕНЕР или до Владата.
Во просек, собраниската постапка трае два месеца. Кај одредени закони, постојат надворешни фактори.
Изборниот законик, на пример, бара широк политички консензус,”рече министерот за правда Игор Филков.
Министерот порача дека се оди на квалитетни измени и законски решенија во интерес на граѓаните, не како што досега била праксата да се носат во интерес на поединци или какви било интересни групи кои што во минатото ги носеле измените на штета на граѓаните ,на начини на кои што сите ги знаеме.
,,Законите се тука, подготвени, доставени, транспарентно објавени. Ние нема да дозволиме реформите да бидат жртва на дневна политика или бирократска инертност. Затоа ќе повторам: реформите не се желба, туку одговорност. И Министерството за правда таа одговорност ја носи до крај”,потенцира министерот за правда Игор Филков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

