Македонија
Финализира изградбата на паркинг на „Христо Татарчев“ во Кисела Вода
																								
												
												
											Завршуваат градежните активности на улицата Христо Татарчев во населбата Кисела Вода, каде што Општина Кисела Вода инвестира во изградба на паркинг-простор. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес изврши увид во финализирањето на ова ново решение за сообраќајот во мирување во општина Кисела Вода.

„Со денешното асфалтирање го финализираме проектот со кој жителите на овој дел од општината добиваат нов паркинг-простор на површина од околу 700 m² и капацитет за 70-ина возила. Ова, секако, ќе го олесни живеењето и нормалното функционирање на граѓаните со адреса на улицата Христо Татарчев, како и на другите што ќе имаат потреба таму да се паркираат“, изјави Ѓорѓиевски.

„Креирањето нов модерен лик на општина Кисела Вода подразбира решавање и на проблемот со недостиг од доволен број паркинг-места, на што интензивно работиме. Покрај овој проект, кој е во финална фаза, во изминатиот период изградивме повеќе паркиралишта, како паркингот на улицата Бранко Заревски во населбата Драчево, каде што се гради и уште еден, на улицата Коперникова. Нов паркинг-простор се гради и на улицата Ѓорѓи Димитров, веднаш спроти ДУРДМОВ ‘Димитар Влахов’. Решение за сообраќајот во мирување добија и жителите на Бирарија, каде што е изграден паркинг непосредно до градинката, како и граѓаните што живеат во близина на бензинската станица кај ‘Мечкаров’. Во фаза на изградба е паркиралиштето во Расадник, а веќе е нарачан сообраќаен проект и за улицата Иван Козаров“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски додавајќи дека Општина Кисела Вода ќе продолжи да изнаоѓа квалитетни решенија за намалување на метежот и подобрување на функционалноста на сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Беким Сали ќе го наследи Изет Меџити како прв вицепремиер
														Портпаролот на коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, денеска потврди дека Беким Сали ќе биде новиот прв вицепремиер, на местото на Изет Меџити кој стана градоначалник на Општина Чаир.
За нов министер за животна средина и просторно планирање, на местото на Меџити, сè уште се одлучува.
Беким Сали претходно беше министер за здравство од 2022 до 2023 година.
Сулејмани истакна дека ВРЕДИ ќе продолжи да функционира како единствен политички субјект, без поделби по партии, како и досега.
Во осврт на изборните резултати, тој оцени дека локалните избори ја потврдиле новата политичка реалност во земјата и дека ВРЕДИ станува втора политичка сила на државно ниво, со доминација во албанскиот политички блок.
Како примери на успех, Сулејмани ги посочи победите на Билал Касами во Тетово, Фети Абази во Боговиње и Даут Мемиши во Теарце, а резултатот во Чаир го нарече јасна порака од граѓаните против старите политики.
Македонија
Утре променливо облачно време, од четврток до понеделник дожд, најавува УХМР
														Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во среда и четврток во утринските часови има услови за појава на магла. Под влијание на влажна воздушна маса, од четврток од вечерните часови па се до понеделник, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.
Македонија
Герасимовски на средба со противкандидатките Ивановска и Среброва, споделени предлози и идеи за поквалитетен Центар
														Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска одржа средба со противкандидатките од локалните избори, Билјана Ивановска од „Независни заедно“ и Марија Среброва од „Левица“. Поради работни обврски, на средбата не присуствуваше кандидатот Мирослав Лабудовиќ од „Знам“.
На состанокот, на кој присуствуваа и раководителите на секторите во општината, се дискутираше на повеќе теми од интерес на граѓаните: урбанизам, зеленило, нови паркинг-зони, планираното затворање на сообраќајот во Дебар Маало и друго.
„Високо ги ценам и почитувам моите противници во изборниот процес. Уште на предизборните дебати јавно потенцирав дека секој нивен предлог и иницијатива ќе бидат добредојдени. Нивните искуства со кои влегоа во трката, Среброва како советник во Советот на Општина Центар и Ивановска како поранешна претседателка на ДКСК, го кренаа нивото и квалитетот на целиот изборен процес. Се надевам дека ќе продолжиме со блиска соработка и во иднина,“ рече Герасимовски.
На средбата беше договорено ваквите состаноци да продолжат и понатаму, со цел развивање на заеднички иницијативи во интерес на жителите на Центар.

