Македонија
Финансиската поддршка за ранливите категории на граѓани е на нивните сметки
Министерството за труд и социјална политика информира дека финансиската помош согласно Законот за финансиска поддршка е исплатена. Во оваа група на исплати спаѓаат корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари.
Финансиската поддршка за корисниците опфатени со овој закон, изнесува 2.000 денари месечно за корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост и самохрани родители кои се корисници на гарантирана минимална помош, за период од пет месеци, започнувајќи од месец декември 2023 година.
Средствата за корисниците на право на пензија во висина до 19.000 денари, за период од пет месеци, започнувајќи од месец декември 2023 година, изнесува:
– 3.000 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина не поголема од 14.000 денари во претходниот месец од месецот во кој се врши исплатата на финансиската поддршка,
– 2.000 денари месечно корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 14.001 денари до 16.000 денари во претходниот месец од месецот во кој се врши исплатата на финансиската поддршка и
-1.500 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 16.001 денари до 19.000 денари во претходниот месец од месецот во кој се врши исплатата на финансиската поддршка.
Оваа финансиска поддршка се извршува без поднесување на барање од страна на корисниците, врз основа на податоците од евиденциите на центрите за социјална работа и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, за остварено право во претходниот месец од месецот во кој се врши исплатата на финансиската поддршка.
Доколку, некои од граѓаните односно корисниците во категориите опфатени со овој закон, не добиле финансиска поддршка, може да поднесе приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка при Министерството за труд и социјална политика, во рок од осум дена од денот на извршената исплата на финансиската поддршка.
Комисијата, по поднесените приговори одлучува во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на приговорот.
Притоа, Комисијата за одобрените приговори доставува известување до подносителот и до институциите, а за одбиените приговори до подносителот.
Граѓаните, приговорите ги доставуваат по електронски пат на следната електронска пошта [email protected], или во архивата на Министерството за труд и социјална политика, со назнака „До Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата
Македонија
Следува период на стабилно време, дневната температура ќе биде во пораст
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време, освен во вторник кога кон крајот на денот претежно во североисточните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

