Македонија
Финансиската полиција поднесе кривична пријава за даночно затајување
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава против Б. Ф. во својство на сопственик и управител и против четири правни лица поради основи на сомнение за сторено кривично дело даночно затајување“ од член 279 ст. 3 в.в ст. 1 в.в чл. 45 од КЗ на РСМ.
Првопријавениот Б. Ф. во период од 2013 до 2023 година, извршил серија на истородни противправни дејствија со цел намалување на даночната основа за пресметка и плаќање на данокот на добивка, со кои дејствија го сторил кривичното дело даночно затајување од член 279 ст. 3 в.в ст. 1 в.в чл. 45 од КЗ на РСМ.
Даночното затајување го вршел преку фирмите „БИБАЈ ГРОУП ДООЕЛ“, „БИБАЈ ДООЕЛ“, „ПРО ТИРЕ ДООЕЛ“ и „РАЕН ДООЕЛ“.
Обвинетиот се сомничи дека префрлал средства на основ на позајмици на своја и сметка на правните лица, кои потоа не биле евидентирани во даночните биланси и не биле отпишани по истекот на законските рокови.
Првопријавениот Б.Ф со намера да ја намали даночната обврска за утврдување на данок на добивка со цел да одбегне плаќање на данок, во име, за сметка и во корист на пријавените правни лица, во периодот од 2013 до 2023 година, не пријавил, не пресметал и не платил данок на добивка по даночна стапка од 10% во вкупен износ од 16.085.644 денари, за кој износ е оштетен Буџетот на Република Северна Македонија, со што првопријавениот Б.Ф го сторил кривичното дело ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ” од член 279 ст.3 в.в ст.1 в.в чл.45 од КЗ на РСМ, а пријавените правни лица го сториле кривичното дело “ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ” од член 279 ст.4 в.в ст.1 и ст.2 од КЗ на РСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

