Македонија
Финансиската полиција поднесе кривична пријава за управител на скопска компанија поради даночно затајување

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против А. А. поради основи на сомнение за сторено кривично дело даночно затајување по член 279 став 2 од КЗ.
Пријавениот А. А. во својство на управител и сопственик на Друштвото за производство, трговија и услуги АРМАН КОМПАНИ ДООЕЛ Скопје, во периодот од 1.1.2020 година до 25.12.2024 година, свесно и со однапред утврдена намера со цел да стекне противправна имотна корист за себе и за правниот субјект, набавената трговска стока (јаткасти производи), евидентирана како резерва во вредност од 53.257.786 денари, неосновано ја присвоил и не ја евидентирал во сметководствената евиденција како кусок, при што пријавениот не пресметал, не пријавил и не уплатил данок на додадена вредност по даночна стапка од 5 % во износ од 2.662.889 денари и данок на добивка по даночна стапка од 10 % во износ од 5.325.778 денари, а за застарените обврски кон доставувачите постари од три години во износ од 40.903.524 денари (краткорочни), а кои потекнуваат од 2020 година и не се прикажани како приходи во билансот на успех и даночниот биланс на правниот субјект за 2023 година, пријавениот не пресметал, не пријавил и не уплатил данок на добивка по даночна стапка од 10 % во износ од 4.090.352 денара.
Со намера да ги прикрие инкриминираните активности пријавениот не изготвил и не поднел завршни сметки за 2021 година, 2022 година и за 2023 година до Управата за јавни приходи и до Централниот регистар на Република Северна Македонија, со што не пресметал, не пријавил и не уплатил даноци по разни основи, во вкупен износ од 12.079.019 денари, за кој износ го оштетил буџетот на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.
Македонија
Уапсена сопругата на докторот кој беше застрелан во Куманово, била вмешана во обидот за неговото убиство

Полицијата ја уапси сопругата на докторот кој беше застрелан вчера во Куманово. Тој со повреди беше пренесен во болница, но се наоѓа во стабилна состојба. Според информациите на МВР, сопругата е осомничена дека е вмешана во обидот за неговото убиство.
„Вчера полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско“, велат од МВР.
Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес.
По целосно документирање на случајот, против сопругата ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини. Од таму известија дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Од ДУИ, пак, информираа дека станува збор за нивен кандидат и носител на листата во Општина Липково.
Македонија
Евакуации во објектите околу плоштадот „ВМРО“ поради куфер оставен на плочникот, полицијата утврди дека е празен

Обезбедувањето на Јавното претпријатие за државни патишта пријавило во полиција дека две лица денес оставиле куфер на плочникот пред нивниот објект сместен на плоштадот „ВМРО“ веднаш до седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата веднаш излегла на терен, почнала евакуација на вработените од објектите околу плоштадот, а проверките покажале дека куферот е празен.
„Денеска (08.10.2025) во 12.55 часот лице од обезбедувањето на ЈП ‘Државни патишта’ пријавило дека на видеонадзор пред канцелариите на ЈП ‘Државни патишта’ на плоштадот ‘ВМРО’ во Скопје биле забележани две лица како го разгледуваат местото, а едно од лицата оставило куфер. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен“, соопшти МВР.