Македонија
Фондот за иновации објави повик за дигитално плаќање даноци во пет општини
До крајот на годината на жителите на Куманово, Прилеп, Боговиње, Центар Жупа и на Свети Николе ќе им биде овозможено давачките кон Општината да ги плаќаат електронски, во кое било време и од кое било место. Фондот за иновации објави повик за дигитализирање на услугите во овие пет општини, кој ќе биде отворен до 15 октомври за сите домашни ИТ-компании, од кои се очекува да направат решенија за воспоставување електронски систем за наплата на давачките, систем за електронско плаќање кон јавните претпријатија и две решенија за отворање на општините кон граѓаните, односно електронски систем за волонтери и онлајн-платформа за општински форум.
„Воспоставување електронски систем за наплата на давачките кон Општината значи разни видови даноци и парафискални давачки, во најголем дел даноци на имот, граѓаните да може да ги платат во кое било време и од која било локација. Целиот тој метеж што го гледаме пред канцелариите, особено даночните канцеларии, како оние пред Град Скопје, пред неколку недели, треба да биде минато. Бараме и решение за воспоставување систем за електронско плаќање сметки кон јавните претпријатија. Ова не е ново, некои од јавните претпријатија, особено во Скопје, го имаат како можност, но целта е да дојдеме до систем што ќе биде лесно применлив во сите општини. Бараме и две дополнителни решенија за отворање на општините кон граѓаните, односно електронски систем за волонтери, кој ќе овозможи поголеми вклучување на граѓаните. Станува збор, пред сè, за млади луѓе во работата на самите општини и онлајн-платформа за општински форум. Ова е една постојна иницијатива, која овозможува вклучување на локалните заедници во креирање на локалните политики. Веќе со Министерството за финансии зборуваме и за креирање платформа, веројатно истата алатка ќе може да се користи и за тој процес за граѓанско партиципирање во креирање на буџетите на локалната самоуправа“, објасни Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Сите четири решенија од Фондот очекуваат да бидат ставени во функција до крајот на годината во петте општини, а штом ќе бидат веќе вградени, ќе им бидат понудени бесплатно и на сите други општини.
Компанијата или компаниите што ќе понудат најдобро решение, ќе добијат 75.000 долари, во целост обезбедени од УНДП, а ќе добијат и можност решенијата да ги продадат, но надвор од границите на земјата, како можност за дополнителен приход.
„Со овој јавен повик сакаме да ја искористиме иновациската моќ на приватниот сектор за да создадеме нови дигитални алатки за доставување на услугите на локално ниво. Со тоа не само што ќе се овозможи функционирање на општините туку исто така ќе се направат јавните услуги подостапни за граѓаните и поотпорни“, вели Нарине Сахакијан, постојан претставник на Мисијата на УНДП во Македонија.
Директорот Деспотовски очекува реализацијата на решенијата од овој повик да влијаат и на намалување на корупцијата.
„Важен е побрз пристап до услугите, секако и поквалитетни услуги, но има и еден друг аспект, а тоа е дигитализацијата во јавниот сектор да придонесе за зголемување на транспарентноста заедно со транспарентноста и намалувањето на корупцијата, без разлика дали станува за ситна, секојдневна или станува збор за корупција на повисоко ниво. Дигитализацијата е една од алатките со кои работиме на зголемување на транспарентноста и отворањето на јавниот сектор“, рече Деспотовски.
Договорите со компаниите ќе бидат потпишани првата недела од ноември, проектите ги очекуваат на почетокот на декември и до крајот на декември тие треба да бидат применети во оние општини каде што ќе има техничка можност. На општините што се дел од пилот-проектот, а немаат технички услови, ќе им биде оставено дополнително време да ги обезбедат условите.
Директорот Деспотовски, по реализацијата на проектот за дигитализација на општините, најави и проект за едукација на граѓаните за користење на дигиталните услуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман улица 5, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Претежно облачно и тивко, максималната температура до 17 степени
Времето денеска ќе биде прeтежно облачно. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен во четврток кога ќе има услови за слаб локален дожд. Во четврток и петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.

