Македонија
Формиран Граѓански инспекциски совет за поефeктивна контрола врз загадувањето
Група на 26 невладини организации, здруженија на граѓани и високообразовни институции кои се залагаат за заштита на животната средина, во соработка со Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) формираа Граѓански инспекциски совет (ГИС).
ГИС е формиран поради потребата за поефикасна соработка на ДИЖС со граѓанскиот сектор и граѓаните, како централна институција за контрола и казнување на загадувањето и уништувањето на животната средина.
„Во својата соработка, ГИС и ДИЖС ќе се раководат според потребата од постојано унапредување на состојбата со заштитата на животната средина и остварувањето на начелото на владеење на правото. Преку граѓанскиот активизам треба да се помогне за побрзо и поефикасно справување со сериозните загадувања на животната средина и на недоволниот капацитет на институциите да се справат со нив поради малиот број инспектори и стручни кадри. Оттука, соработката меѓу ГИС и ДИЖС треба да придонесе за размена на знаења и искуства, но и за поголемо граѓанско влијание врз Инспекторатот и другите јавни институции за подобрување на инспекцискиот надзор и намалување на загадувањето“, соопштија организациите.
Инспекторатот за животна средина преку поддршката од Граѓанскиот инспекциски совет ќе има можност да ги користи капацитетите на невладините организации и високообразовните институции кои се членки на ГИС и да споделуваат информации и експертиза во насока на решавање тековни проблеми во надзорот во животната средина.
Соработката предвидува ГИС и ДИЖС заеднички да прават анализи и да даваат предлози за измени на одредени закони и подобрување на инспекцискиот надзор, како и да поттикнуваат дебата за различни прашања поврзани со заштитата на животната средина. Граѓанскиот инспекциски совет треба да има увид и можност да влијае врз работењето на ДИЖС, да ја користи својата експертиза во одредени области за решавање на замрсени случаи, но и да поднесува барања, приговори и тужби до одредени институции и носители на функции кои не постапуваат според законите за заштита на животната средина и за тоа да ги известува граѓаните.
Со презентирањето на Граѓанскиот инспекциски совет, кампањата „Разбистри сè“ го одбележува Светскиот ден на водата – 22 март. Вреднувањето на водата, кое е мотото на годинашниот Светски ден, целосно кореспондира со целите на „Разбистри сè“ за итната потреба за заштита и одржливо користење на водите и за поефикасен инспекциски надзор врз прекумерното искористување на природните ресурси во Македонија.
Граѓанскиот инспекциски совет за соработка со ДИЖС се формира на иницијатива на Зелен институт во рамките на кампањата „Разбистри се“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансиски поддржана од Британската амбасада во Скопје.
Организации основачи на Граѓанскиот инспекциски совет:
Зелен институт
Институт за комуникациски студии
О2 Иницијатива
Екосвест
Македонско здружение на млади правници
Флорозон – Центар за еколошка демократија
ЕЗ Здрава котлина – Струмица
Еко долина
ЗЗУЖС Екоживот – Кавадарци
Институт за биологија при Природно-математички факултет
Македонски центар за меѓународна соработка
Движење на екологистите на Македонија
ЕД Вила Зора
Институт за европска политикa
Центар за економски анализи
Центар за правни истражувања и анализи
Здружение на граѓани Еко логик
Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – С Македонија
Арт Поинт Гумно
Здружение за социјални иновации и одржлив развој РАДАР
Наша добра земја
НВО Green.оrg
Новинари за човекови права
Water4changes-Вода за промени, Global Shapers Skopje Hub
Центар за управување со знаење
Национален ромски центар
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бесплатен интернет во новиот парк-плоштад во Марино
Општина Илинден во соработка со Германската агенција за меѓународна соработка (ГИЗ) започна со реализација на активностите за поставување бесплатна јавна WiFi мрежа на новиот парк-плоштад во Марино.
„Проектот е дел од иницијативите за унапредување на дигиталната поврзаност во регионот на Западен Балкан и претставува значаен чекор кон модернизација на јавните простори и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Со имплементацијата на оваа услуга, посетителите на парк-плоштадот ќе имаат можност за бесплатно и неограничено користење на интернет, овозможувајќи полесна комуникација, пристап до информации и дигитални услуги додека уживаат во погодностите на овој урбан простор“, велат од Општината.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека дигитализацијата на локално ниво претставува стратешки приоритет на општината, при што нагласи дека континуираното вложување во паметни и иновативни решенија е насочено кон создавање модерна, функционална и урбана средина, која одговара на потребите на граѓаните и на современите општествени текови.
Македонија
Општина Битола објави повик за доделување финансиски средства на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти
Општина Битола го објави јавниот повик за доделување на финансиски средства од буџетот на општина Битола на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти за 2026 година.
Право на учество на јавниот повик ќе имаат спортски клубови, спортски здруженија, спортисти во сениорски и младински категории, како и другите физички и правни лица од областа на спортот чиешто регистрирано седиште, односно живеалиште се наоѓа на подрачјето на Општина Битола.
Пријавите треба да се достават до Општина Битола преку пошта на адреса; Општина Битола, Булевар 1 –ви Мај број 61, 7000 Битола или да се достават во архивата на Општина Битола од 07:30 часот заклучно со 15:30 часот до последниот ден од Јавниот оглас.
Рокот за поднесување на пријавите започнува од 25.02.2026 година и трае заклучно со 11.03.2026 година.
Пријавите од јавниот повик ги разгледува Комисијата за млади и спорт од Советот на Општина Битола и согласно критериумите ја одбрува висината на финансиската поддршка. Финансиската поддршка согласно програмата за активностите во областа на спортот и младите во Општината Битола за 2026 изнесува 2.000.000,00 денари за спортски клубови/спортски здруженија и 1.000.000,00 денари за индивидуални спортисти.
Повеќе за јавниот повик на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/sportski-klubovi-zdruzenija-i-sportisti/
фото/ Depositphotos
Македонија
Заев поднесе тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев
Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев поднел тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев за како што вели, клевета и нарушување на чест и углед.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед.
Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата.
Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, објави Заев на социјалните мрежи.

